39-годишниот милијардер и сопственик на апликацијата Телеграм Павел Дуров е уапсен во Франција, објавија тамошните медиуми. Според првичните информации Дуров е уапсен по налог за сторени прекршоци поврзани со популарната апликација за комуникација.
Основачот на Телеграм, Павел Дуров е уапсен од француската полиција на аеродром северно од Париз, откако со сопругата и со приватен авион допатувал од Азербејџан.
Истрагата против Дуров наводно се однесува на тоа што тој како извршен директор не презел чекори да го спречи користењето на Телеграм за криминални цели. Според неофицијални информации, објавени од француските медиуми, Дуров е осомничен за прекршоци поврзани со измама, трговија со дрога, кибер-малтретирање, организиран криминал и пропагирање тероризам,
Павел Дуров е роден во Русија и живее во Дубаи откако имаше проблеми со неговите диготални иновации кои овозможија слободно ширење на информации во Русија преку неговите апликации ВКонтакте (руска апликација слична на Фејсбук и Телеграм). Милијардерот поседува двојно државјанство – на Обединетите Арапски Емирати и на Франција.
Апликацијата Телеграм е особено популарна во Русија, Украина и во други земји од поранешниот Советски сојуз.
Таа беше забранета во Русија во 2018 година, откако Дуров одби да ги предаде на властите податоците на корисниците, но по три години, односно во 2021 година забраната беше повлечена.
Телеграм е една од главните платформи за социјални медиуми после Фејсбук, Јутјуб, Ватсап, Инстаграм, ТикТок и Вичет. Има над 900 милиони кориснички профили.
Големата популарност на апликацијата Телеграм се должи пред се на слободата за споделување на содржини кои не беа подложени на проверка или веривикација на самата мрежа како што е пример со најголемите комуникациски апликации и социјални мрежи. Исто така Телеграм се трудешше и опстојуваше на сигурност и безбедност на податоците на корисниците кои споделуваа содржини или меѓусебно контактираа.
Таа слобода и заштита беше и злоупотребувана, а Телеграм беше познат дека не споделува податоци со државни институции и истражни органи за содржини објавени или трансферирани преку апликацијата.