Хрватска останува подготвена да и помогне на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија. Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска.
На прес-конференцијата одржана по тет а тет средбата во владината зграда во Загреб, Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Македонија кон Европската унија.
-Темата која го оптеретува европскиот пат на Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија, изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.
Премиерот Мицкоски рече дека неправдата што ни е е нанесена во изминатите две и пол децении е голема и дека имаме направено отстапки како никој друг тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.
– Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа за жал зависи и од други. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме, истакна Мицкоски.
На прес-коинференцијата тој рече дека ние се уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.