Заштитената соба односно т.н „глува соба“ во Собранието е речиси завршена и целата опрема во неа е поставена. Официјалното отвoрање на Заштитената соба се очекува да биде крајот на октомври годинава, информираат за МИА од Собранието.
Претседателот на Парламентот Африм Гаши на првиот брифинг со новинарите во вторникот кажа дека „глувата соба“ е целосно при крај и дека 99 отсто е завршена работата.
-Мислам дека треба да заврши административниот дел, техничкото примопредавање и да биде ставена во функција. Очекувам во текот на септември или октомври „глувата соба“ да биде целосно во употреба, рече Гаши.
Изградбата на Заштитената соба, како што посоочуваат од Собранието, е и барање на НАТО и ќе биде особено важна и непходна при отворање на поглавјата 23 и 24 во пристапните преговори со ЕУ за влез во Унијата. Изградбата на собата треба да создаде услови за остварување на ефективен парламентарен надзор врз безбедносните служби.
-Заштитената просторија и работниот простор беа прецизно дизајнирани да ги исполнуваат и надминат строгите безбедносни барања поставени и од НАТО и од Европската Унија. Ова вклучуваше интегрирање на напредни технолошки заштитни мерки, а физичкиот простор е изграден со материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, обезбедувајќи комуникациите да останат доверливи и заштитени од надворешни закани. Проектот ги инкорпорираше најдобрите практики во управувањето со безбедносниот сектор, нагласувајќи ја отпорноста и на традиционалните и на новите безбедносни предизвици. Овој сеопфатен пристап осигурува не само безбедно решение, туку и приспособлививост на идниот напредок во надзорот над безбедноста и разузнавањето, брифираат од Собранието за МИА.
Овластен орган за акредитација на заштитената соба е Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Потребни документи за акредитација на Заштитената соба се: Процена за безбедносен ризик за комуникациско-информатичкиот систем во заштитената соба и заштитениот работен простор, Изјава за безбедносни потреби за комуникациско информациски систем во заштитената соба и заштитениот работен простор и Безбедносно оперативни процедури за користење на заштитената соба и заштитениот работен простор. Од Собранието напоменуваат дека сите документи се во финална фаза и тие треба, по нивното потпишување, да се проследат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Врз основа на проверка на документите и списите како и теренската проверка во заштитената соба од страна на ДБКИ, се добива акредитацијата за користење.
Проектот за „глувата соба“ по НАТО стандарди
За реализација на т.н „глува соба“ во Собранието имаше шест јавни повици. Повеќето не беа успешни поради, како што објаснуваше, поранешниот прв човек на Собранието Талат Џафери несоодветни понуди.
Последниот јавен повик беше успешен и заштитената соба почна со изградба, според информациите од ДЦАФ, во јули 2023 година.
Врз основа на Договорот за јавни набавки од 28 април 2023 година, на последниот повик за извршување на градежните работи била избрана Фабриката Карпош, а во договорот е предвидено градежните работи да чинат околу 40 000 000 денари. Засега од Собранието нема информација колку вкупно чини изградбата, опремата и реализацијата на заштитената соба.
Оттаму наведуваат дека тендерската документација и проектот е по НАТО стандарди. Просторијата е од највисок, таканаречен прв степен на заштита за документи со највисока класификација, ги исполнува сите стандарди на аудио и анти-радијациска заштита, опремена е со соодветна заштитена опрема за да се гарантира заштитата на класифицираните информации, посочуваат од Собранието. Опремата во просторијата ги задоволува највисоките ТЕМПЕСТ стандарди на радијациска заштита.
Просторијата се предвидува првенствено да биде за користење на Собранието и Комисиите кои работат со класифицирани информации, но во исто време таа ќе може да се отстапи за користење на останатите државни органи доколку имаат потреба за тоа и се разбира, со одобрување на Собранието.
Воспоставувањето на заштитената просторија и заштитениот работен простор во Собранието означува значајна пресвртница во посветеноста на зајакнување на парламентарниот надзор над безбедносниот и разузнавачкиот сектор. Оваа иницијатива е плод на стратешкото партнерство помеѓу Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, ДЦАФ и Собранието преточено во Меморандум за соработка, што ги нагласува заедничките напори за зајакнување на демократското владеење и обезбедување робусни механизми за одговорност во рамките на безбедносната рамка на земјата.
Република Македонија, стремејќи се да се интегрира поблиску со западните институции како НАТО и Европската Унија, како што се посочува во информацијата од Собранието за МИА, го идентификуваше зајакнувањето на парламентарниот надзор како камен-темелник за исполнување на строгите стандарди за управување што ги бараат овие организации. Во 2018 година, препознавајќи го еволуирачкиот пејзаж на безбедносните закани и критичната потреба за транспарентен надзор, ДЦАФ и Собранието започнаа заедничка мисија за зајакнување на капацитетот на законодавната власт за ефикасно следење и оценување на активностите на безбедносните и разузнавачките агенции. Овој период беше обележан со зголемена глобална загриженост за практиките на надзор, разузнавачките операции и императивот да се балансира националната безбедност со заштитата на граѓанските слободи и права.
Примарната цел на оваа соработка, како што се нагласува, беше да се создаде безбедна средина каде што класифицирани информации со најголема чувствителност може да се ракуваат со најголема доверливост и интегритет.
– Со формирањето на посебна заштитена просторија и работен простор, Собранието имаше за цел да олесни безбедни седници со класифицирани информации, овозможувајќи им на законодавците да разгледуваат, дискутираат и расправаат за критичните безбедносни и разузнавачки прашања без ризик од протекување информации или неовластен пристап. Оваа инфраструктура е дизајнирана да поддржува информирани процеси на донесување одлуки, обезбедувајќи дека функциите на надзор се спроведуваат со потребната дискреција и безбедност, се вели во информацијата од Собранието за МИА.