Младенците Елена и Стојан собраа школски прибор на свадбата и го донираа за сиромашни дечиња

Младиот брачен пар наместо букет цвеќе или бонбониера, ги замоли сите гости на свадбата да донесат школски прибор, кој тие подоцна го донираа за сиромашни дечиња.

Веста за донацијата ја споделија од Општинската организација на Црвениот крст Гази Баба во Скопје, каде беа донирани околу 30 комплети со школски прибор.

„Позитивен пример во општеството.“

„Младенците Елена и Стојан Спасевски донираа 30 пакети школски прибор во Црвен крст на Република Северна Македонија, Општинска организација Гази Баба – Скопје, собрани на нивната свадбена веселба. Заедничката идеја за овој потфат се должи на нивната хуманост и искуството што го стекнале како гости на други свадби“ – стои во описот на објавата за ова добро дело.

„Ова треба да биде пример за идните брачни парови. Помагањето покажува колку е развиена свеста за помош на социјалните семејства. Овој пример треба да го следиме, затоа што во исто време, на децата што ќе го добијат подарокот, треба да им се покаже дека и покрај сите тешки моменти, постојат луѓе што мислат на нив“ – вели Здравко Георгиевски, секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија, Општинска организација Гази Баба – Скопје.

 

femina.mk