Јаневска: Учебници ќе има за секој ученик уште од првиот ден

0
40

Mинистерката за образование Весна Јаневска на Фејсбук посака успешен почеток на учебната година. Таа посебно нагласува дека учебници ќе има за секој ученик уште од првиот ден.

Како и секој почеток, малку е тешко да се вратиме на обврските. И тоа важи и за учениците, и за наставниците и за родителите! За да си олесниме, треба да ја научиме првата лекција – лекцијата за заедништвото, за соработката и за поддршката. Ова сакам да го запаметат учениците – не сте сами во ниту еден момент, тука се за сé да ви помогнат вашите другарчиња од одделението, тука се вашите наставници и родителите, со нив можете сé да споделите. Барајте помош, радувајте се заедно, помогнете му на другарчето кога му треба. Само така ќе израснете во луѓе со вистински вредности. Слушајте ги вашите наставници. Тие се тука не само да ви ги предаваат лекциите, туку и да ве мотивираат да стекнете што повеќе знаења, да ве инспирираат да се развивате и да напредувате. Желбата на секој наставник е неговите ученици да постигнат голем успех во тоа што ќе го работат во иднина и во приватниот живот, и да ги надминат своите учители. Прашувајте ги, тие се подготвени да одговорат на сите прашања.