Циклонот Борис и обилните врнежи што ги донесе во Чешка и јужна Полска предизвикаа поплави во горниот тек и на помалите реки по сливот на Елба и Одра, евакуација на стотици луѓе и страв од повторување на катастрофалните поплави што ги погодија двете земји во 1997 година, пренесува Бета.
Во Чешка денеска е прогласено трето, највисоко ниво на опасност од поплави на 38 места, главно на североистокот и истокот на земјата, во планините на границата со Полска, додека прво или второ ниво е пријавено на вкупно 169 места.
Во Полска нивото на водата ја надмина границата за тревога на повеќе од 30 места, а синоќа се евакуирани околу 400 жители на селото Глухолази во Ополското војводство.
Во четири региони во Полска и во Чешка, каде што метеоролозите издадоа најсилно предупредување за обилни дождови и се очекува да наврнат 400 литри вода на метар квадратен, забрзано се подигнуваат насипи направени од вреќи со песок и се подготвуваат мобилни бариери.
Ситуацијата е нешто подобра од претходно во 1997, 2010 и 2013 година, бидејќи на обилните дождови им претходеше долготрајна суша, но почвата веќе за два дена апсорбира доволно дожд, па сега се празнат вештачките акумулации за да може да се прифати новонадојдената вода.
Во двете земји се откажуваат масовни настани, во Чешка партиите ја прекинаа кампањата пред есенските регионални избори и за третина пратеници во Сенатот на Парламентот. Некои од градските паркови, гробиштата и Зоолошката градина во чешката престолнина Прага, се затворени поради дождот и паднатите дрва од невремето, а во полскиот град Вроцлав, кој најмногу настрада во поплавите во 1997 година, се откажани сите настани.
– Немаме информации дека Одра во Вроцлав би можела да се излее од своето корито или дека нивото на водата на некоја од големите реки би го надминало нивото на поплава. Сепак, треба да бидеме подготвени за избегнеме поплави и да ги одбраниме градовите, изјави градоначалникот на Вроцлав, Јацек Сутрик.
По предупредувањето на метеоролозите, властите во Чепка и Полска апелираа граѓаните да си подготват пакети за евакуација и ги советуваа што треба да содржат.
Во последните 24 часа во Полска пожарникарите на терен излегле 1.300 пати, а во Чешка имало 1.127 интервенции.
За помош во борбата против поплавите во двете земји ангажирана е армијата, а во Полска и територијалната одбрана.,
denesen.mk