Пар од Бања Лука посакувал второ дете, добил четворка зачната по природен пат

Кога 5-годишниот Константин посакал да стане поголем брат, неговите родители Милана и Немања одлучиле да започнат со обиди за второ дете. Сите посакувале нивното семејство да се прошири со девојче.

Но, денес нивниот дом не го исполнува уште едно, туку уште четири деца и тоа сите момчиња. Матеј, Марко, Лука и Јован се првата четворка во историјата на Бања Лука и се зачнати по природен пат. Овој случај е феномен, еден на половина милион.

28-годишните родители пред осум месеци станаа хит во медиумите со својата приказна и со имињата кои им ги дадоа на бебињата по четворицата автори на евангелијата од Новиот завет.

„Додека бев бремена, со сопругот отидовме во манастирот Крка. Тогаш на монахот му кажавме дека носам четири момчиња, а тој ни даде благослов децата да ги носат имињата на четворицата апостоли. И нам многу ни се допаднаа, бидејќи се имиња со силна симболика“ – објаснила Милана.

Милана на првиот преглед со ултразвук добила вест дека носи близнаци, за на вториот преглед тој број да се зголеми на три бебиња, а веќе на следниот да станат четири. Остатокот од бременоста, таа го поминала во Словенија, каде живеел и работел нејзиниот сопруг. Веднаш ѝ била дадена опција за редукција на бебињата, но тие ја одбиле.

„Тој ден веднаш одлучивме дека ќе одиме до крај“ – рекла таа.

Повеќе од еден месец пред породувањето, Милана лежела во болница, чекајќи го закажаниот царски рез во 31. гестациска недела. Бебињата на овој свет дошле во период од четири минути, а заедно тежеле околу пет килограми.

Иако Константин посакувал да има сестра, тој сега ужива со своите браќа и ја користи секоја прилика за да си поигра со нив.

„Му ја кажавме вистината, дека ќе добие четворица браќа, дека со мама ќе се вратат четири бебиња од болница. Мислам дека не беше свесен сè додека не се вративме дома“ – рекла Милана.

Матеј, Марко, Лука и Јован одлично напредуваат и покрај тоа што се родени предвреме.

 

femina.mk