Македонска алијанса за европска интеграција бара албанската влада да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

0
28

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), упатува најостра реакција до албанската влада, која со своето неделување дозволува на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите каде што живеат Македонците во Албанија.

Последниот пример за ова е донацијата на модуларната амбуланта во селото Глобочени, Општина Пустец. Додека ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари.

Албанската влада има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија. Секое премолчување на оваа ситуација е дозвола за продолжување на бугарската пропаганда, која е неприфатлива и штетна за македонската заедница!

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција уште еднаш ги повикува институциите во Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и културно наследство. Недозволиво е македонската заедница да биде изложена на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви.

Сите донации што се наменети за подобрување на животот на Македонците се добредојдени, но никогаш нема да прифатиме тие да бидат користени за промовирање на лажни наративи. Време е албанската влада да го зајакне своето присуство и инвестиции во регионите населени со Македонци, како јасен сигнал дека Македонците во Албанија се дел од државата и дека нивните права и идентитет ќе бидат заштитени.

Македонска алијанса за европска интеграција апелира до меѓународната заедница да внимава на овие опасни тенденции и да изврши притисок врз албанската влада за да го спречи влијанието на бугарската пропаганда што има за цел да го наруши идентитетот на Македонците во Албанија.

 

vesnik-ilinden.com