Милион кубни метри гас дневно од Азербејџан за Србија

0
28

Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и Азербејџанецот Парвиз Шахбазов на 26 септември потпишаа Меморандум за разбирање во областа на зелената енергија, а беа потпишани и два договори за снабдување со гас меѓу компанијата „Србијагас“ и азербејџанската компанија „Сокар“.

Ѓедовиќ Хандановиќ најави дека во текот на претстојната зима Србија ќе може да смета на безбедни испораки на околу еден милион кубни метри гас од Азербејџан, што ќе ја зголеми енергетската безбедност на Србија, се вели во соопштението на Министерството.

Таа додаде дека минатата година во Баку биле потпишани договори за соработка меѓу релевантните министерства и гасните компании, кои предвидуваат Србија до 2026 година да добива до 400 милиони кубни метри гас годишно од Азербејџан, а потоа овие количини може да се зголемат на една милијарда кубни метри.

Србија од 1 ноември до 31 март ќе може да смета на еден милион кубни метри дневно од Азербејџан, се наведува во соопштението.

Таа нагласи дека со потпишувањето на Меморандумот енергетската соработка е проширена и во областа на зелената енергија, односно, според неа, опфаќа заеднички инвестиции во зелена енергија, примена на нови зелени технологии, технологии за зафаќање и складирање јаглерод итн.

На средбата се разговараше и за коридорот за зелена енергија, кој ќе го поврзува Азербејџан со земјите од Централна и Источна Европа.

Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека Србија потенцијално би можела да има значајно место во тој проект, пред се поради нејзината географска положба, имајќи предвид дека се планира зајакнување на интерконекцијата на преносната мрежа со Романија, Унгарија и Бугарија.

На средбата, како што е наведено, се разговарало за можноста Србија да стане дел од Зелениот коридор меѓу Каспискиот регион и Југоисточна Европа „со оглед дека Србија веќе граничи со три земји кои учествуваат во проектот и може да игра улога и на корисник и на транзит земја“.

Србија има развиено соработка со Азербејџан во областа на енергетиката, а кон таа земја се сврте по руската инвазија врз Украина.

Азербејџанскиот гас се доставува до Србија преку нов гасовод до Бугарија, кој делумно е финансиран од Европската унија (ЕУ).

Гасоводот беше пуштен во пробна работа во декември 2023 година.

Претседателите на двете земји, Александар Вучиќ и Илхам Алијев, го потпишаа Меморандумот за формирање на Совет за стратешко партнерство во ноември 2022 година, а потоа во декември истата година во Баку.

извор: slobodnaevropa.mk