На денешен ден 30 септември во 2018 година се одржа референдум за смена на уставното име на Република Македонија со кое ја доби придавката Северна со прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.
Одлуката на референдумот не беше усвоена, поради тоа што според законите не гласаа повеќе од половината граѓани запишани на избирачкиот список.
Од вкупно 1.806.336, на референдумот излегоа 666.743 граѓани, или 36,91% од гласачкото тело, од кои 609.813 гласаа „за“, а 37.700 гласаа „против“, додека 19.230 ливчиња беа прогласени за неважечки.
Владината коалиција тогаш предводена од тогашниот премиер Зоран Заев го поддржа референдумот. Многумина функционери, амбасадори и ЕУ лидери дадоа поддршка за референдумот. Од друга страна тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ се закани дека ќе го бојкотира референдумот.
Референдумот е неуспешен, односно, одлуката не е усвоена затоа што не гласале повеќе од половина од граѓаните што се запишани во Избирачкиот список, објави тогаш претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
Ден по референдумот беше објавено:
– На вчерашниот референдум за промена на името на Република Македонија во Северна гласале 666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните 1.806.336 во Избирачкиот список, соопшти ДИК по обработени 100 отсто од избирачките места.
На референдумското прашање „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 91,46 проценти, или 609.813 граѓани, а „против“ се изјасниле 5,65 отсто или 37.700. Неважечки се 19.221 ливчиња или 2,89 проценти.
Претседателот на ДИК, Дерковски рече дека согласно утврдените резултати, одлуката не е усвоена зашто не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список.
Извештајот од ДИК ќе биде објавен во Службен весник во рок од 15 дена, а ќе биде доставен до Собранието и објавен на веб страната на Комисијата, беше кажано од ДИК.
denesen.mk