Хоспитализиран еден од обвинетите за убиството на Вања и Панче

Велешанецот Боре Видевски, кој е еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е префрлен на државната клиника. Неговиот адвокат Бојан Манев за Телма вели дека Видевски се наоѓа во тешка здравствена состојба и подолго време се жалел на болки. Видевски инаку има трансплантиран бубрег. Од декември се наоѓа во притвор во затворот во Шуто Оризари, а вчера бил пренесен во болница, објави Република.

На 20 септември започна судењето во кои обвинети се и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Љупчо Палевски Палчо. Според обвинението, велешанецот Панче Жежовски бил убиен за да се искористи неговиот Цитроен во грабнувањето на Вања, а крајната цел била да се присили нејзината мајка Зорица да даде парични средства за откуп.

Во случајот е обвинет и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за помагање при грабнување. Следното рочиште за случајот е закажано за 7 октомври кога како сведок е повикана Зорица Ѓорчевска, како и роднини на Жежовски.

извор: Република