Македонскиот премиер Христијан Мицкоски очекува предизвикувачка грејна сезона. Тој во изјава на 3 октомври посочи дека очекува цената на електричната енергија на светските берзи ќе се зголеми поради војната во Украина.
„Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка, не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина, каде што комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа, што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува нова енергетска криза во Европа. Мицкоски уверува дека работењето во АД ЕСМ е нормализирано, иако, како што вели, компанијата наследила долг од над 80 милиони евра.
„Бидете сигурни дека е нормализирано работењето на компанијата и ќе има одговорност за тоа што се случувало, но нема да правиме естрада и театар од тоа. Многу скоро од денеска, ќе бидат посочени лицата што се виновни за состојбата во која е оставена компанијата,“ изјави Мицкоски.
slobodnaevropa.mk