ВМРО-ДПМНЕ се појави и во Србија

И ВМРО-ДПМНЕ и официјалниот застапник на движењето во Србија потврдуваат дека партијата била информирана за планот, но не и дека таа стои зад здружението. Основанчот е актуелен секретар на Националниот совет на Македонците во Србија, Марјан Јовановски, кој за РСЕ вели дека целта му е да ги промовира македонските традиции. Тој е и поранешен вработен во МНР каде за време на кариерата во два наврати бил ангажиран во македонската амбасада во Белград.

Името на најголемата владејачка партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, веќе еден месец фигурира како здружение (правно лице) и во единствениот регистар на даночни обврзници во Србија. „ВМРО-ДПМНЕ Србија“ е името на движењето кое на 25 август било формирано во Белград, а на 9 септември поднело пријава за регистрација.

Како негов застапник е заведен македонскиот државјанин Марјан Јованоски, а за област во којашто движењето ќе ги остварува целите е наведено „промовирањето и популаризацијата на македонската култура, историја и посебности“, покажуваат документите од српскиот регистар до кои дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сличности меѓу српското здружение и партијата во Северна Македонија има и во знакот, кој како што пишува во статутот на движењето „ВМРО-ДПМНЕ Србија“ е „стилизирана фигура на лав со круна на главата во црвена боја“.

И ВМРО-ДПМНЕ и основачот на здружението за РСЕ потврдија дека партијата само била информирана пред да се формира српското движење. Но, според одговорот од двете страни, партијата не стои зад здружението.

„Како политичка партија бевме информирани за оваа иницијатива за што беше дадена согласност од причина што секогаш сме поддржувале заложби за поддршка и унапредување на македонските заедници и надвор пд Македонија. Во однос на целта, бевме информирани дека станува збор за регистрирање на Движење кое ќе ги унапредува економските, културните граѓанските и политичките состојби во Македонија и во Србија и промоција на истите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

slobodnaevropa.mk