Малолетникот кој уби соученици во „Рибникар“ сведок на судењето на неговите родители

Малолетниот К.К., кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во ОУ „Владислав Рибникар“, во вторник сведочи во Специјалниот суд во Белград, на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Претставникот на семејствата на загинатите во масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“, Огњен Божовиќ пред рочиштето за новинарите изјави дека ова е прва можност семејствата на убиените и ранетите да поставуваат прашања.

„Со надеж дека ќе има некакви одговори како и зошто се случи ова, со надеж дека ќе ги расветлиме мотивите и ќе добиеме барем некаков мир за нив“, рече Божовиќ пред судот.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училишен чувар. Тој ранил уште пет ученици и еден наставник.

Во ноември 2023 година, Високиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинетите се сопственик и инструктор на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик научил да пука со својот татко.

Напаѓачот не одговара пред законот, бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

извор:.slobodnaevropa.mk