Откриена биста на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров

Денеска во дворот на основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје беше откриена биста на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.

Горан Герасимовски, градоначалникот на Општина Центар каде се наоѓа училиштето, ја објави веста на социјалните мрежи.

„Голема чест е да се открие биста на првиот македонски претседател Киро Глигоров токму во нашето центарско училиште кое го носи неговото големо име. Оваа биста, за нас Центарци е многу повеќе од обичен споменик. Таа е потсетник дека сме на вистинскиот пат. На патот кој го трасираше Киро Глигоров.

Убеден сум дека претседателот Глигоров би се гордеел со ова модерно и современо училиште. Нашите деца заслужуваат вакви училишта со највисоки стандарди, рамо до рамо со европските, а сепак наши автентични македонски.

Сега, кога живееме во слободна, самостојна и назависна Македонија, имаме одговорност и обврска да го зачуваме тоа што е со мака стекнато. Да бидеме разумни и мудри, по примерот на Глигоров. Да мислиме на нашите млади, да ја градиме нашата иднина преку вложувања во образованието и напредокот, бидејќи само така ќе имаме држава што е за почит.

Цврсто верувам дека овие млади луѓе кои се овде со нас ќе ја остварат визијата на Глигоров за успешна и просперитетна Македонија, затоа да им помогнеме да го продолжат неговото дело“, напиша Герасимовски.