Ураганот „Милтон“ пред Флорида: „Екстремно сериозна закана“

0
14

Во американската сојузна држава Флорида, подготовките за ураганот „Милтон“ се во полн ек: од милиони луѓе е побарано да се засолнат на безбедно. Многумина ги забарикадираа своите домови и се подготвуваат за најлошото.

Бурата, која се очекува да го погоди западниот брег на Флорида во среда навечер по локално време, може да биде една од најопасните во историјата на државата. Американската влада иницираше сеопфатни мерки за помош.

По минувањето на „Милтон“ пред брегот на полуостровот Јукатан во Мексико, имаше прекини на струја во околу 90.000 домаќинства и поплави во регионот. Има и паднати дрвја, но нема жртви, изјави гувернерот на мексиканската држава Јукатан, Хоакин Дијаз.

 

Колони, недостиг на гориво и целосно резервирани хотели

Бурата, која е класифицирана во највисоката категорија на урагани – 5, претставува голем предизвик за службите за итни случаи во Флорида. Според прогнозите, ураганот најверојатно ќе ослабне пред да удри на копно, но неговата огромна широчина сè уште има значителен потенцијал за уништување – особено во регионот околу крајбрежната метропола Тампа. Американскиот национален центар за урагани вчера (8.10) соопшти дека „Милтон“ има брзина на ветрот до 270 километри на час.

Пентагон соопшти дека се мобилизирани илјадници војници на Националната гарда. Хеликоптери и возила за поплави се подготвени за спасувачки операции. Центрите за итни случаи низ државата се снабдени со залихи за да се обезбеди брзо помош веднаш по невремето.

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис апелираше до населението сериозно да ги сфати наредбите за евакуација. Сепак, многумина кои сакаа да ја напуштат областа наидоа на тешкотии: телевизијата Си-Ен-Ен известува за колони на патиштата, недостиг на гориво и целосно резервирани хотели.

Голем број аеродроми престанаа со работа. Американската влада издаде предупредување до авиокомпаниите по извештаите за огромни цени на билети кои кружеа на социјалните мрежи. Министерот за транспорт Пит Бутиџиџ најави дека тоа внимателно ќе се следи. Затворање најавија и забавните паркови Дизни Ворлд, Универзал и Сиворлд во Флорида.

Бајден: Прашање на живот и смрт

„Милтон“ има потенцијал да биде еден од најразорните урагани што некогаш биле регистрирани во регионот, предупреди американскиот национален центар за урагани, истакнувајќи дека вообичаено сувите крајбрежни области може да бидат поплавени од зголемувањето на нивото на морето. Се очекуваат напливи опасни по живот со бранови високи до пет метри, разорни ветрови и силен дожд. Постои и ризик од торнада.

„Тоа е прашање на живот и смрт“, предупреди американскиот претседател Џо Бајден. Во градот Тампа, градоначалничката Џејн Кастор, исто така упати сериозно предупредување до населението: „Можам да кажам без никаква драматизација: Ако изберете да останете во една од областите за евакуација, ќе умрете“, рече таа за Си-Ен-Ен.

Видео од метеоролог кој се бори со солзи на американската телевизија Ен-Би-Си 6 е прегледано илјадници пати на интернет. „Тоа е еден неверојатен, неверојатен, неверојатен ураган“, рече видно потресениот Џон Моралес во директен пренос. Со растреперен глас, тој даде метеоролошки податоци за невремето, а потоа рече: „Се извинувам. Ова е едноставно ужасно“.

Неколку часа по емитувањето, Моралес зборуваше за Ен-Би-Си 6. Рече дека го променило екстремното време предизвикано од глобалното затоплување. „Искрено, и вие треба да бидете шокирани.“ Тој ги повика луѓето да преземат акција против климатските промени.

DW