Привремено отстранети од Детска клиника: Доктори на дисциплинска за смртта на 14-месечното дете

Директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, Реџеп Мемеди, одлучи да ги отстрани привремено двајцата доктори специјалисти во врска со случајот на смртта на 14-месечно бебе. За нив се води дисциплинска постапка по член 192 став 2 од Законот за здравствена заштита.

Министерството за здравство информираше дека, според извештајот на Комисијата за стручен надзор, биле утврдени елементи на лекарски пропуст. На 18.10.2024 година, формирана е Комисија за дисциплинска постапка против докторите, кои биле дежурни и извршиле преглед на детето на 03.10.2024 година.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, истакна дека во двете клиники се констатирани системски и технички недостатоци, вклучително непостоење на алгоритми за тријажа на пациентите и потреба од континуирана обука за срцево-респираторна поддршка. Тој нагласи и потребата од нова респираторна опрема и видео-ларингоскоп за Детската клиника, како и унапредување на транспортот на пациенти.

Таравари рече дека Комисијата забележала превид во проценката за хоспитализација на бебето и неадекватна проценка на респираторните потешкотии. На прес-конференција, министерот изрази надеж дека ќе бидат преземени мерки против директорите и очекува одговорност за направените грешки.