Костадинов: Општина Струмица излегува од ЗЕЛС

0
16

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов преку неговиот Фејсбук профил соопшти дека ја напуштаат Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Тој претходно ја осуди одлуката на надлежните институции да биде продолжена забраната за користење на водата за пиење во Струмица.

-Со огромна грижа кон народот на моја Струмица, утре ќе спремам и официјален допис, ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица. Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа – вели Костадинов во синоќешната објава.

Според Костадинов, борбата против Струмица продолжува и како што напиша „чекаа, калкулираа и денес преку медиуми се научивме дека не ни даваат решение за водата“.

-Решивте на грбот на народот да правите политика, скапо ќе плати некој за оваа фашистичка операција врз Струмица и струмичани. Наскоро вистината и за водата, но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) само да не се кажуваат јавно резултатите оти истите не се во прилог на политиката на Цветан Трипуновски – напиша струмичкиот градоначалник.