Министерот Шабан Салиу бара катедра и задолжително изучување на ромскиот јазик

Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, очекува институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот. Покрај барањето ромскиот јазик да биде задолжителен во училиштата каде мнозинството се ромски деца, тој вели дека е потребна и катедра на ромски јазикна Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик.

„Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија“, вели Салиу на одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик.

Тој смета дека е потребно да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ,да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во училиштата каде мнозинството се ромски деца. Тој се надева дека со Буџетот за 2025 година ќе бидат одвоени доволно средства за образование и изучување на ромскиот јазик.

Заштита и унапредување на ромскиот јазик

Според претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денешниот ден нѐ потсетува на богатото културно наследство на ромската заедница и потребата за натамошно негување на ромскиот јазик, како чувар на нивниот идентитет и различност.

„Тој ги надминува државните граници и сведочи за една уникатна култура, фолклор и традиција наследени од минатото, но живи и влијателни и во современите цивилизациски услови. Со институционалната поддршка за изучување, употреба и зачувување на ромскиот јазик вложуваме во македонското мултикултурно и мултиетничко општество“, вели таа.

Според премиерот Христијан Мицкоски, Денот на ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива. „Грижата за јазикот е и грижа за иднината на ромската култура и нејзините вредности. Со поддршката на образованието, културните манифестации и меѓународните иницијативи, можеме да бидеме сигурни дека ромскиот јазик ќе продолжи да биде дел од нашето културно богатство“, порача премиерот.

Во последните неколку децении се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура, но сè уште има многу предизвици бидејќи ромскиот јазик е под закана од губење поради асимилација и недостатокот од системска поддршка.

„Наша задача е да изградиме систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието, ние вложуваме во градење генерации кои ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество“, порача Мицкоски.

Светскиот ден на ромскиот јазик ги промовира јазикот, културата и образованието, а се слави секоја година на 5 ноември, денот кога почнувајќи од 2009 година се направени првите чекори кон негово признавање за малцински јазик според Европската повелба за регионални или малцински јазици. Од 2015 година, УНЕСКО го прогласи 5 ноември за Светски ден на ромскиот јазик.

Стипендии за ромски семејства

извор: .dw.com