Доналд Трамп победи во сојузната држава Северна Каролина на претседателските избори во САД

На претседателските избори во САД, републиканскиот кандидат Доналд Трамп победи во сојузната држава Северна Каролина – првата од седумте одлучувачки сојузни држави. Како што објавија американските медиуми Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си и Еј-Би-Си, Трамп ја освои југоисточната сојузна држава, каде беше победник и на изборите во 2020 година. Со тоа, кај него одат 16 електорски гласови од Северна Каролина.

Сега на демократката Камала Харис ќе ѝ биде уште поважно да ја освои важната држава Пенсилванија, каде што Трамп е во тесно водство по пребројани три четвртини од гласовите.

Трамп, по пребројувањето на 91 отсто од гласачките ливчиња, води и во Џорџија. Ако ги освои сите три од овие „свинг држави“, неговата победа на претседателските избори би била речиси сигурна. Сепак, демократката Харис сѐ уште има шанси да го стигне. Анкетите предвидуваа исклучително тесна трка. „Њујорк тајмс“ сега гледа 89 отсто веројатност за победа на Трамп.

Според очекувањата, Харис и Трамп освоија победи во сојузните држави кои за нив важеа како сигурни.

Тука за Трамп меѓу другото се вбројуваат Флорида, Тексас и Јужна Каролина, а за Харис – Њујорк, Масачусетс и Илиноис. Според информациите на американските медиуми, Трамп досега победил во вкупно 23 сојузни држави и има 230 електорски гласови. Харис има 210 гласови и за неа патот до Белата куќа станува сѐ потесен. Американскиот претседател се избира индиректно од страна на Изборен колеџ од 538 електори, избрани на државно ниво.

За да победи, на кандидатот му требаат 270 гласови од електори од различни сојузни држави. Со оглед на тоа што голем дел од државите се традиционално определени за Демократите или Републиканците, она што на крајот е важно е резултатот во седум колебливи или т.н. „свинг“ држави, во кои двете партии имаа реални шанси за успех.

„Свинг“ држави се Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Џорџија и Северна Каролина – како и Аризона и Невада во западниот дел на САД. За потенцијална олучувачки за изборите се смета ообено Пенсилванија, со 19 електорски гласови. И Харис и Трамп таму беа особено активни на почетокот на предизборната кампања.

 

DW