Иницијативата Отворен Балкан формално постои, не е згасната, но и не е вистински активна

Третиот меѓународен саем на вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што ќе се одржи од 22-ри до 24-ти ноември во Белград, повторно го отвори прашањето за одржливоста на таа инцијатива. Во неа од почетокот до денес учествуваат само три земји од регионот Западен Балкан – Србија, Албанија и Северна Македонија. Иако претставници на Црна Гора на некои средби присуствуваа како гости, сепак таа земја, БиХ и Косово не се приклучија на Отворен Балкан. Отворен Балкан остана со непотполен формат, поради сомнежи кај некои земји дека е српска иницијaтива, под српски патронат, за српски интереси. Како противтежа на таа непотполна инцијатива ја посочуваа полнотата на Берлинскиот процес, во кој се вклучени сите шест земји од Западен Балкан.

Се чека „поблиска определба“ од македонската влада
„Винската визија“ на белградскиот саем годинава ќе собере повеќе од 650 излагачи од 38 земји и над 10.000 вински и гастрономски брендови. Но, прашењето е дали е жив и „брендот Отворен Балкан”, српскиот премиер Милош Вучевиќ е сигурен само за еден дел.

„Жив е, во тој дел на почитување на договорите што беа постигнати. Во тој дел – да, но ми се чини дека, пред сѐ, Албанија повеќе не е зaинтересирана. Мојот впечаток дозволува да грешам, но мислам дека не е заинтересирана. Мислам дека ја имате изјавата на Еди Рама, ако не се лажам од 2023 година, кога рече дека Отворен Балкан е завршен процес, дека ја исполнил својата мисија. Очекуваме да видиме некоја поблиска определба на Владата на Северна Македонија“, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ пред неколку дена, одговорајќи на прашања од новинарите.

Еуроњуз Србија потсетува каков бил ставот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

„Ако веќе имаме ваква иницијатива, таа треба да биде целосна, а каква што е, не е целосна. На крајот, целта на сите земји од регионот е членство во Европската унија. Во моментов нема побрз проток на луѓе и стоки бидејќи имаме граници кои денес, за жал, постојат и кога за жал, сè уште се расправа каде сe”, го посочува медиумот ставот на Мицкоски.

Српскиот премиер Вучевиќ со жалење констатира дека е пропуштена можноста иницијативата да ги обедини сите земји од регионот, но притоа не го спомна Косово.

„За жал, пропуштена е шансата да се приклучат Црна Гора и Босна и Херцеговина, тоа би било идеално, а тогаш би добиле вистинска полнота на овој простор, и еден проект кој би можел, пред сѐ, да и покаже на Европа, но пред сѐ на сите нас, дека можеме да соработуваме“, ја пренесе Еуроњуз изјавата на српскиот премиер.

Поканет од македонските винарии
На веб страницата на „Винска визија 2024“ меѓу пријавените се голем број македонски винарии, кои ќе ја искористат можноста да се претстават пред голем број учесници и посетители на саемот. Винскиот саем во минатото ги откриваше веселите лица на претставниците од трите земји од Инцијативата, во пријателска дружба, забава со песни и дегустирање вина. И македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе присустува на винскиот саем во Белград, а прашан дали ќе има средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека патува во Белград на покана на македонските винарии.

„На саемот ќе се претстават десетици македонски производители, бидејќи го прават, според мене, најубавото вино на светот. Таму сум поканет од страна на македонските винарии – и да, ќе присуствувам, ќе бидам покровител на македонската вечер, но нема најавено средба со претседателот Александар Вучиќ“, изјави Мицкоски.

Од владејачката коалиција Вреди во изминатиот период посочуваа дека остануваат на нивниот политички став – дека Отворен Балкан е проект што му припаѓа на минатото и дека енергијата треба да се фокусира на регионалната соработка во рамки на Берлинскиот процес.

Албанскиот премиер Еди Рама лани изјавуваше дека Отворен Балкан си ја завршил својата основна мисија, дека иницијативата може да згасне, но дека тоа не може да се случи еднострано.

 

 

DW