Непристојна понуда од Александар Вучиќ

Владината пропагандна машинерија почна да работи веќе во првите минути по несреќата во Нови Сад, каде загинаа 14 лица. Секаква одговорност за трагичниот настан беше експресно демантирана: првата вест беше дека настрешницата на зградата на Железничката станица не била предмет на реконструкција, а режимските медиуми наведуваа бројни трагични настани и уривања во странски земји по принципот дека „секаде се случува “.

Како по команда, почна спинот и обвинувањата против опозицијата, а не беа заборавени ниту Хрватска и Босна и Херцеговина: беа обвинети дека воделе „специјална војна против Србија со помош на усташки и исламистички медиуми“.

Оставка со забелешка
И режимот во Србија продолжи во стар стил да ги обвинува сите кои повикуваат на кривична и политичка одговорност дека „сакаат крв“ и „нечија глава“. Тоа само придонесе за мачен впечаток дека власта ќе се брани со сите легални и незаконски средства. Впечатокот само го зацврсти неколкучасовниот телевизиски монолог на српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник, 4 ноември, кога тој рече дека „нуди советодавен референдум за негово разрешување – или можете да ме убиете, бидејќи нема трето”.

Оваа понуда не е нова, но експертите веќе предупредија дека таквата можност е неуставна и дека на некој начин го покажува презирот на Александар Вучиќ кон Уставот на Србија.

Првата политичка последица од трагедијата во Нови Сад е оставката на министерот за градежништво, Горан Весиќ. Тој поднесе оставка со забелешка дека смета оти „не е виновен за ништо“ и дека „нема да ги заборави оние што ја барале неговата глава“. Не се знае какви понатамошни планови има Вучиќ со него, но нема долго да биде без работа: сопственикот на телевизијата Пинк, Жељко Митровиќ му понудил „да избере висока менаџерска позиција во компанијата Пинк“.

Уништен градителскиот имиџ
Владата на Александар Вучиќ во изминатите години направи сѐ за да се прикаже како неуморни градители, кои секојдневно работат на некој голем инфраструктурен проект. Трагедијата во Нови Сад сега го загрози тој имиџ, истакнува политикологот Дејан Бурсаќ за ДВ.

„Реакцијата на власта е општа, агресивно-дефанзивна. Мислам дека СНС и Вучиќ сега имаат концептуален проблем, а тоа е што рејтингот го изградија на култ кон градба. Тоа навистина проаѓаше кај многу луѓе, особено затоа што луѓето помнеа некои минати влади, каде што развојот на инфраструктурата беше многу побавен. Сега целиот тој развоен концепт е апсолутно доведен во прашање. Таа илузија сега е урната, бидејќи се покажа дека се гради лошо, без надзор, а во исто време очигледно се случуваат коруптивни дејствија“, истакнува Бурсаќ.

Како да се пронајдат виновниците?
Адвокатот Божо Прелевиќ забележува дека „Владата сега се брани со куп неточни информации и обид да ги сокрие сите договори“.

„Аргументот на власта дека странските партнери не дозволуваат да се обелодени вредноста на работите сведочи само за корупција. Што воопшто реконструирате ако не знаеме што пишува во проектот? Сите што се на власт знаат дека причината за тоа што се случи е и нестручноста. Професијата овде е убиена и сега навистина треба да се утврди кој е одговорен за тоа. Но, изведувачот е во Кина, надзорот е во Унгарија, па сега најдете кој е виновен“, вели Прелевиќ за ДВ.

Како да се истурка ЕКСПО?
Колку станува збор за провокативна драматизација или пак претседателот на Србија е сериозно загрижен, тукушто протече веста дека се размислува за откажување од проектот ЕКСПО. Малку е веројатно дека режимот ќе се откаже од ваков вносен проект, но самиот Александар Вучиќ изрази страв дека сега тешко ќе се најде некој што ќе го стави својот потпис на разни инфраструктурни проекти.

„Сега сѐ е ставено на коцка“, смета Дејан Бурсаќ. „Како пораката да е, не критикувајте нѐ за ова, бидејќи тогаш сè ќе оди по ѓаволите. Но, ако ви се урне ново реновирана железничка станица во вториот по големина град во државата, се плашам дека работите веќе одат по ѓаволите“, забележува нашиот соговорник.

 

DW