На вечерниот состанок на коалицискиот одбор ќе се разговара дали СПД , Зелените и ФДП можат и сакаат нивната заедничка влада да продолжи со работа. Во последно време најмногу се зборува за нивните конфликти. Актуелниот спор е околу тоа што владата во Берлин може и што треба да направи за да и помогне на болната економија на Германија. Покрај тоа, СПД, Зелените и ФДП мора да постигнат договор за буџетот за наредната година, како и да одлучат кои проекти сè уште сакаат да ги реализираат заедно.
Коалицијата е во најголемата криза досега. За тоа отворено зборуваат водечките политичари од СПД, Зелените и ФДП. А во јавноста се почести се гласовите дека е можен крај на владината коалиција.
Предлозите на ФДП како провокација за СПД и Зелените
Сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер, претходно деновиве, предизвика нов спор во владината коалиција со документ за економската политика во кој шефот на Либералите бара „економски пресврт со делумно фундаментална ревизија на клучните политички одлуки“ – преку намалување на даноци за компаниите, олабавување на прописите во врска со заштитата на климата и намалување на субвенциите и социјалните давачки. Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и на ковладеачките Зелени одговорија со остра критика за потегот на Линднер.
Министерот пак обвинува за индискреција и тврди дека документот сè уште не бил наменет за јавноста. Но, дискусијата е во полн ек , а особено опозицијата сѐ погласно бара предвремени избори. Во тој случај составот на германскиот Бундестаг би се сменил пред регуларниот датум (28 септември 2025 година). Вообичаено, изборите на сојузно ниво се одржуваат на секои четири години, но во посебни политички кризни ситуации – особено ако поддршката на канцеларот во парламентот е разнишана – гласањето може да се спроведе и порано.
Во Сојузна Република Германија исклучително ретко доаѓа до предвремени избори. Тие можат да бидат важно демократско средство за враќање на легитимитетот и способноста на владата за владеење, но за тоа е потребна согласност од неколку уставни органи, особено од Сојузниот претседател.
Нови избори се можни само во два случаи
Според Уставот, пратениците не може сами да одлучат за одржување на предвремени избори. За тоа не може да одлучи ниту канцеларот. Наместо тоа, Уставот дозволува предвремено распуштање на парламентот само во два случаи. Ако по изборот на канцелар не се постигне апсолутно парламентарно мнозинство, односно ако кандидатот не добие барем еден глас повеќе од 50 проценти од сите пратеници, сојузниот претседател може да го распушти Бундестагот. Ваков случај досега не е забележан во историјата на Сојузна Република Германија.
Во вториот случај, канцеларот бара гласање на доверба од Бундестагот што му овозможува да утврди дали сѐ уште ја има потребната поддршка од пратениците. Доколку гласањето биде негативно, сојузниот претседател може на предлог од канцеларот да го распушти Бундестагот во рок од 21 ден.
Трипати предвремени избори во историјата на Германија
Штом се распушти Бундестагот, во рок од 60 дена мора да се одржат предвремени избори, чија организација се одвива според исти принципи како и кај редовните. За спроведувањето се одговорни Сојузната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи. Гласачите имаат два гласа – еден за директен кандидат и еден за покраинската листа на партиите.
Во историјата на Сојузна Република Германија само тр пати се одржани предвремени избори на сојузно ниво и тоа во 1972, 1983 и 2005 година.
Поради политиката за Истокот, Брант прв побара гласање доверба
Во 1972 година сојузниот канцелар Вили Брант (СПД) ја унапреди својата политика за растоварување на односите со Истокот, што на внатрешнополитички план беше многу спорно. Тоа доведе до толку големи разлики во социјал-либералната коалиција, што неколку пратеници на СПД и Либералите ја напуштија коалицијата.
Владиното мнозинство се намали на 248 членови од пратеничките групи на СПД и ФДП во Бундестагот и 248 членови на опозициската ЦДУ/ЦСУ, што ја парализираше политиката. Брант на 24 јуни 1972 година рече дека граѓаните имаат „право и натаму да функционира законодавството“, но оцени дека се зголемува опасноста „опозицијата да отстапи од конструктивната соработка. Затоа објавувам дека се стремиме кон предвремени избори“.
Затоа Брант мораше да постави прашањето за доверба, што наиде на критики, меѓу другото и од страна на уставни експерти, кои посочуваа дека намерно изгубено гласање за доверба не соодветствува на духот на Уставот. Брант на 20 септември 1972 година го постави прашањето за доверба и очекувано загуби, што пак го отвори патот за распуштање на Бундестагот и избори на 19 ноември 1972 година, на кои беше реизбран. СПД доби рекордни 45,8 отсто од гласовите. Излезноста на гласачите беше 91,1 проценти, до денес највисока во историјата на сојузните избори.
DW