ДКСК иницира постапка против поранешната министерка за култура

Државната комисија за спречување на корупција денеска донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.

Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи – рече членот Зоран Богоевски.

Според извршениот увид во документацијата, од ДКСК велат дека министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1 300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што дополнуваат од ДКСК, не може да се квалификуваат како направени за службени цели.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што соопштија од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.