– Аида ЦАКО
Изет Цури, моден дизајнер, кој го започна својот пат како кројач од Скопје, успеа да стигне до најпрестижните париски модни ателјеа, јавува Анадолу.
Уште како дете развил љубов кон модата, но никој, па ни тој самиот, не можел да претпостави дека ќе се пробие до светската модна сцена во Париз.
Растен во големо семејство со девет деца, Изет бил насочен кон кројачкиот занает од својата мајка, откако таа останала вдовица.
„Мајка ми нѐ тераше да одиме на школо и занает, за да можеме да бидеме самостојни“, раскажува 76-годишниот Изет за Анадолу.
Прво, како што вели тој, не можел да се помири со идејата да стане кројач, бидејќи во тоа време неговите врсници го исмејувале, но подоцна кога почнал да учи од најдобриот мајстор во тоа време, Цале, сфатил дека тоа е патот по кој треба да оди.
На само 14 години, веќе започнал да шие кошули и панталони за познати скопски музички групи како „Бисери“, „Безимени“, „Урагани“ и „Биз-без“.
Со поддршка од мајсторот Томе Малиновски, заедно отвораат дуќан во Скопје, кој прераснува во еден од првите модни бутици во градот.
„Бевме познати низ Југославија, а имавме муштерии и од Сараево, па дури и (Горан) Бреговиќ и неговата група доаѓаа кај нас за кошули“, раскажува Цури.
– Првите чекори во Париз
Наскоро со своите амбиции и желба за знаење Цури на 23 години заминува во Париз, каде што се соочува со вистинските предизвици на светската модна сцена.
„Кога отидов во Франција, се спремав година дена со идејата, имав доста информации, меѓутоа, кога отидов таму, нешто друго. Мислев дека јас сум некој, кога ги видов витрините што работат таму, велам јас не сум никој“, вели Изет за АА.
Прво работел во едно мало ателје, но со својот талент и упорност, успева да се вработи во престижната модна куќа „Хермес“.
„Сошив еден модел, газдата на местото кај што работев го однел таму, дојде една жена од фирмата да праша кој го шиел моделот, јас се исплашив. Таа рече еве визит-картичка, дојдете да нѐ посетите, и тоа беше фирмата Хермес, уште од почетокот“, изјави Изет.
Токму тука започнува неговото меѓународно признание, и работата со некои од најголемите имиња во модната индустрија. Работел и со ѕвезди како Шон Конери, кој му бил идол уште од детството, а при средбата со него чувствувал како да игра во филм за Џејмс Бонд.
„Бев импресиониран кога го видов – мислев дека сум дел од филм“, вели Изет.
– Соработка со Тиери Муглер и авангардната мода
Работењето во Хермес му носи можности за запознавање со модните гиганти, меѓу кои е и авангардниот дизајнер Тиери Муглер.
Муглер го поканил Изет да му се придружи во тимот, и така соработувале заедно 15 години.
„Муглер беше еден од двајца-тројца најголеми авангардисти на 20 век. Неговото влијание врз модата е огромно“, вели Цури, додавајќи дека тоа бил период во кој стекнал непроценливо искуство.
Преку соработката со Муглер, Изет добива шанса да работи со уште еден моден мајстор, Азаедин Алаја.
„Алаја беше легенда во високата мода. Неговите креации имаа уникатност која ретко се среќава“, го опишува Цури.
– Шиел за светските ѕвезди
Работејќи со овие модни гиганти, Изет ја создава својата репутација во светската модна индустрија, а неговите вештини го доведуваат до соработка со најголемите светски ѕвезди.
Меѓу познатите лица за кои работел ги вбројува и Мадона, Моника Белучи, Шон Конери, и многу други познати актери и музичари.
„Кога Муглер ќе дојдеше во ателјето со некоја позната личност, мене ме повикуваше да земам мерки“, раскажува Цури.
– Враќање во Скопје и пренос на знаењето
По богатото искуство и успех на светската сцена, Цури одлучил да се врати во Скопје и да го пренесе своето знаење на идните генерации.
Во Старата скопска чаршија, тој го основа Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, каде што ги обучува идните дизајнери и ги охрабрува да се развиваат и создаваат.
„Скопје за мене е многу важно место. Сигурен сум дека овој регион ќе биде за цела Европа извор на млади дизајнери“, вели Цури со гордост.
– Неговата капа – симбол на пријателство и почит
Цури, исто така, е препознатлив по рачно везените капи, кои се негов белег и моден израз, а претставуваат симбол на големо пријателство. Една од капите ја добил од близок пријател, фоторепортер на конфликти во светот, кој трагично загинал во Чеченија.
„Бевме доста блиски пријатели, дојде кај мене на вечера и ми ја даде капата. Направивме една фотографија. Тој загина во Чеченија, на неговиот погреб ја ставив капата и оттогаш не ја тргнав“, вели Изет за Анадолу.
– Порака до идните генерации
Со своето искуство и успех, Изет Цури остава порака до сите идни дизајнери:
„Секогаш верувајте во тоа што го сакате и никогаш немојте да имате комплекси. Јас сум од Гази Баба, а сум работел во најлуксузните модни куќи во светот. Ако ја знаете својата професија, нема потреба да имате комплекси од каде сте. Верувајте во својата идеја и реализирајте ја.“
Приказната на Цури докажува дека талентот, амбицијата и трудот можат да го однесат секого до светските висини.