Тешко дека можеше да има поголем срам за италијанската десничарска влада. Пред само една недела, на самитот на ЕУ, премиерката Џорџа Мелони го промовираше својот модел за обработување на барањата за азил во трета земја. Но, новоизградениот камп во Албанија – со исклучок на италијанскиот персонал – повторно е празен и тоа по вторпат за краток рок.
Уште во октомври Италија мораше да ги врати првите 16 баратели на азил кои беа одведени таму – четворица затоа што тврдеа дека се малолетни или болни, а другите дванаесет затоа што законски имаат право на постапка во Италија.
Изминатиот петок владата направи втор обид со седум возрасни мажи од Египет и Бангладеш. Во понеделникот повторно пресврт, откако суд во Рим нареди привремено враќање на седумте лица и случајот го достави до Европскиот суд на правдата (ЕСП) за конечно разјаснување. Брод на крајбрежната стража барателите на азил ги пренесе во Бриндизи во јужна Италија.
Со користење на полниот капацитет, италијанската влада се надеваше дека ќе може да донесе до 40 илјади одлуки за азил годишно во Албанија. Но, и еден месец по неколку пати одложуваниот почеток, е нејасно дали воопшто некогаш ќе заживее идејата со кампот во Албанија.
Кавга со судството
„Сега вистински чекор всушност би бил ако владата на г-ѓа Мелони рече: ‘Во ред, се обидовме, но едноставно не е можно’“, вели Кристофер Хајн, политиколог специјализиран за миграциска политика и право за азил при Универзитетот Луис во Рим. Во последните неколку недели Европскиот суд на правдата, како и разни италијански судови изразија загриженост за концептот на безбедни земји на потекло што се практикува во Италија, а особено „во однос на Египет и Бангладеш, но исто така и Тунис, една од главните земји на потекло на барателите на азил во Италија“, вели Хајн во интервју за ДВ.
Но, наместо тоа, десничарската трипартитна коалиција почна со напади врз судството, со кое веќе си ги одмерува силите и на други полиња.
Десноекстремниот вицепремиер Матео Салвини, кој и самиот може да заврши во затвор поради неговото справување со бегалците, рече дека „тоа е уште една политичка пресуда – не против владата, туку против Италијанците и нивната безбедност“.
Поумерениот министер за надворешни работи Антонио Тајани исто така зборуваше за „неколку судии кои сакаат на владата да ѝ ја наметнат својата политичка определба“.
Технолошкиот мултимилијардер Илон Маск, кој наскоро ќе стане советник за дерегулација во тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, исто така ги критикуваше италијанските судии на неговата платформа Х.
ИОМ: „Нема застрашувачки ефект“
Моделот со Албанија не е единствената рестриктивна мерка со која владата предводена од постфашистичката Фратели д’Италија се обидува да ја спречи нерегуларната миграција во земјата. Од преземањето на власта во октомври 2022 година, таа донесе рестриктивни закони за спасување на бродоломници. Бродовите сега мора да ја завршат својата мисија веднаш штом ќе ги качат првите бродоломци на бродот. Потоа често им се доделуваат далечните северни италијански пристаништа како дестинација, што ги прави мисиите уште поскапи и понеефикасни.
Службата на ОН за миграција признава дека годинава се забележани значително помалку пристигнувања отколку во истиот период минатата година. Но, портпаролката на организацијата потенцира дека „ако ги погледнете пристигнувањата во минатиот месец, кога времето беше лошо, може да се каже дека договорот меѓу Италија и Албанија досега немаше застрашувачки ефект. Во последните единаесет дена само по морски пат се регистрирани повеќе од 3.300 мигранти“.
Портпаролката додава дека Европа е далеку од вонредната состојба што ја имаше во 2015 година во однос на бројот на бегалци.
Голем интерес како и за договорот на Британија со Руанда
Сепак, договорот што Италија го склучи со својот сосед отаде Јадранот, го привлече вниманието и на други европски земји. Данска, Холандија, но и некои политичари од германската опозиција, искажаа идеи за ангажирање на трети земји како „подизведувачи” за контрола на миграцијата. Италија направи преседан во рамки на ЕУ и привлече исто толку внимание колку и Велика Британија со договорот со Руанда, кој летоска беше финално погребан, и тоа откако поранешната ториевска влада веќе имаше инвестирано околу 830 милиони евра.
„Правните, логистички и финансиски потешкотии, како што покажа албанскиот модел, се толку големи што на крај целата приказна не се исплати”, вели Кристофер Хајн. Станува збор за „очајни обиди за справување со ситуацијата со миграцијата и азилот на погрешен начин, која ниту им одговара на барателите на азил, ниту на оправданите потреби на населението за повеќе ред по ова прашање“, порачува Хајн.
DW