Петровска: Немам амбиција да сум дел од раководството на СДСМ

Пратеничката Славјанка Петровска смета дека пред опозициската партија стои сериозна обврска да се заврши изборот на раковдството. Со актуелниот претседател вел идека има комуникација за партиски и собраниски потреби. За несогласувањата во СДСМ вели дека не треба да се решаваат на ФБ туку во партија.

Што се случува во СДСМ, ги консолидираше ли оваа партија после поразот на парламентарните избори?

Мислам дека е премногу рано да се каже дали се редовите консолидирани или јас повеќе би сакала тоа да го покажеме во јавноста. Ова сега е еден период во кој СДСМ е во фаза на избор на ново раководство кое следува по изборот на претседател на партијата.

На 24 ноември се закажани двата конгреса односно продолжувањето на оној конгрес кој започна пред партиските избори и се разбира новиот на кој ќе треба да се верификуваат мандатите на новите делегати меѓутоа и да се пристапи кон избор на целосно ново партиско раководство.

Искрено изминатиот период, овие месеци имам впечаток дека многу повеќе се зборуваше за состојбите во СДСМ отколку за тоа што се случува, дури и од кадровски аспект во Владата и генерално во ВМРО ДПМНЕ.

Меѓутоа тоа веројатно ја прави СДСМ поразлична од партијата на власт односно партија со поголем демократски капацитет и добро е што јавноста има интерес за тоа што се случува во СДСМ и да речеме еве ќе го сфатиме како еден вид на позитивен притисок.

Меѓутоа СДСМ има сериозна обврска, тоа не е само да го заврши изборот на раководството туку да спроведе и внатрешни процеси кои можеби нема толку да бидат од кадровски карактер меѓутоа ќе бидат јас би рекла повеќе од идеолошки поврзани со тоа каде и што понатаму, во иднина ќе правиме.

slobodnaevropa.mk