Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.
Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100 000.
„Рускиот претседател Владимир Путин донесе 11 000 севернокорејски војници на границите на Украина. Овој контингент може да порасне до 100 000“, рече Зеленски, оценувајќи дека Путин е фокусиран на победа во војната.
Тој додаде дека без одредени клучни фактори, на Русија „ќе и недостасува вистинска мотивација да се вклучи во значајни преговори“.
Украинскиот претседател оцени и дека „секој удар и секоја закана од Русија мора да бидат одговорени со цврсти санкции“.
slobodnaevropa.mk