По над 50 часа од пожарот на траектот во Грција, пронајден жив еден од исчезнатите

По два дена од избувнувањето на пожарот, по над 50 часа поминати во гаражата на траектот, утрово беше пронајден жив и спасен еден од 12-те исчезнати патници од бродот „Euroferry Olympia“ што во петокот наутро се запали во близина на Крф додека од Грција пловеше кон Италија, а паралелно продолжува потрагата по останати патници, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми станува збор за 21-годишен државјанин на Белорусија, возач на камион, кој сам успеал од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи, а потоа и превентивно пренесен е во болница.

Првичните информации се дека е во добра здравствена состојба и со оглед на тоа дека сам се симна од траектот во спасувачкиот чамец на грчката крајбрежна служба.

Спасувањето на еден од исчезнатите влева надеж дека може да се живи и останатите 11 исчезнати, а грчките медиуми пишуваат дека 21-годишниот на спасувачките екипи им рекол дека слушал гласови од гаражата.

Портпаролот на крајбрежната служба на Грција Никос Алексиу за грчката телевизија ЕРТ утрово рече дека постои оптимизам и за други преживеани.

Потрагата на специјалните спасувачки единици беше прекината во текот на ноќта и поради мракот и поради високите температури над траектот што достигнаа до 500-600 степени Целзиусови, а спасувачката акција продолжи рано утрово.

Според официјалниот список, имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.

Дополнително произлезе дека меѓу спасените се и две лица, веројатно мигранти, кои патувале нелегално, без билет.

Спасени се вкупно 281 лице, а 11 се водат за исчезнати.