Брачниот пар Фидан и Вели Јаман што живеат во Анталија, Турција, по 22 години брак добија бебе на кое му го дадоа името Азра, а таткото, кој го следеше породувањето на сопругата, се онесвести од голема возбуда и стрес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фидан и Вели Јаман се венчале пред 22 години, но со години не можеле да имаат дете и покрај бројните медицински третмани во Анталија и други градови.
Сепак, по 22 години брак, оваа брачна двојка ги оствари своите соништа по лекувањето во една приватна болница во Анталија. Таткото Вели Јаман, кој го следел породувањето на сопругата, во еден момент се онесвестил од голема возбуда и стрес.
Вели Јаман (47), држејќи ја в раце ќерката Азра, за АА раскажа дека сакале да имаат деца уште од првиот ден кога се венчале и дека никогаш не губеле надеж иако со години не можеле да добијат дете. Испробале бројни медицински третмани во многу градови, и на крајот станаа родители.
„Среќата што ја гледате на нашите лица вреди сè“, рече пресреќниот татко.
Раскажа дека решил да го следи породувањето на сопругата и заедно да го дочекаат доаѓањето на бебето на свет.
„Го видов моето дете и веднаш бев ужасно возбуден. По 22 години чекање одеднаш се појави проблем со крвниот притисок. Неколкупати почувствував голема вртоглавица. Таму медицинскиот персонал веднаш ми ја пружи потребната помош. Фала му на Бога, пресреќни сме сега“, рече Јаман.
И мајката Фидан Јаман (39) истакна дека е пресреќна што по 22 години добила дете, додавајќи дека породувањето поминало без никакви проблеми.
„Секако, поради голема возбуда и огромен стрес го имавме и овој по малку трагикомичен настан. Додека за време на породувањето бевме целосно фокусирани на мајката и бебето, на таткото наеднаш му падна крвниот притисок. Неговото лице стана бледо. Колегите веднаш интервенираа и го легнаа долу. Некако во тој момент се роди и бебето. Ова кај него е само привремен пад на притисокот, поради голема возбуда. По интервенцијата таткото закрепна и потоа го зеде бебето в раце. Сите заедно се фотографиравме. Ова беше навистина убав спомен. Малку и се пошегувавме дека „22 години чекање и среќа завршија со несвестица“. Нека Бог на сите им даде долг живот и добро здравје. Бебето е добро и здраво. Девојчето се роди со три килограми и е отпуштено од болница“, рече доктор Шенгор.
извор: Агенција Анадолија (АА).