(ВИДЕО) Петар Маркоски го промовира Охрид свирејќи хитови на различни локации – ова харизматично момче има над 100 илјади следбеници на социјалните мрежи и милионски прегледи

Петар Маркоски познат како детето со виолината. За прв пат со виолината се среќава на 7 годишна воздраст кога го запишале во основното музичко училиште „Методи Патче“, Охрид, на инструмент – виолина. Во текот на школувањето Петар се здобива со 5 награди на државно ниво во категорија соло, дует и трио виолина.

Детето со виолина – порасна, се школуваше, се вработи, но, виолината не ја остави. Маркоски е Охриѓанецот кој остана забележан како детето од хорот во гимназија, но и по својата група и М2 „Потрага по ѕвезда“ кога достојно го издигна Охрид, и покажа дека имаме таленти кои се носат рамо до рамо со светските ѕвезди. Маркоски ги сака домашните и странски евергрини. На својот YOU TUBE канал истите ги изведува при тоа за секоја нумера презентирајќи ново катче специфично за Охрид.


NEWS1: Петар, извонредна посетеност на твојот YOU TUBE канал. Љубителите на сериозна музика но и светски хитови го препознаа квалитетот. Како дојде идејата за вакви спотчиња на кои покрај музика, се промовира и Охрид?


Петар Маркоски: Охрид е инспирација на многу артисти од Македонија и ширум светот. Јас како Охриѓанец ја имам таа привилегија да го уживам секојдневно и да црпам непресушна енергија и испирација. Секоја нова песна за мене е и истражување на нови локации, малечки скриени местенца кои кријат убавина и прекрасен поглед кон езерото и прекрасното зајдисонце.
Сакам да ја прикажам оваа убавина на луѓето ширум светот, да го запознаат Охрид, да ја запознаат Македонија, нашата традиција, храна, култура, историја.
Добивам многу пораки од луѓе во Бразил, Аргентина, САД, Италија, Полска, Романија и многу други, кои се фасцинирани од Охрид, неговата местоположба, историјата на Охрид и Охридското Езеро како едно од најстарите езера на светот.
Уметниците и Спортистите се најдобрите промотори на својата држава и треба да бидат пример како се сака својата татковина.

https://www.youtube.com/watch?v=KqUVRWkQ-NE

NEWS1: Студираше во Италија, се работиш , но музиката не ја остави. Се чувствува дека свириш од душа. Дали ова е начинот преку кој „полниш батерии“ за работниот ден?

Петар Маркоски: Многу работи се менуваа во мојот живот само виолината остана секогаш тука.
Виолината за мене представува лек за душата, среќата, тагата, лутина ја изразувам преку неа и тука најдобро се снаоѓам.
Денот ми е исполнет со многу обрски, работа, разни проекти, и секако свирењето виолина кое ми помага да се релаксирам и да ги наполнам батериите.

NEWS1: Охриѓани се сеќаваат на М2 „Потрага по ѕвезда“. Тоа беше прв обид и средба со публиката. Од денешна перспектива дали се тече во твојата кариера како што замислуваше или се’ тргна и се движи поинаку?

Петар Маркоски: Мислам дека нема правило како ќе оди, но сепак имаме желби каде би сакале да стигнеме а тоа е нормално Светска слава, можеби звучи нескромно, но имаме примери за многу артисти од соседните држави кои го достигнаа тоа ниво.
М2 беше убаво искуство за почеток, запознавање на сцената, снимање во студио, пеење во живо, однос на сцена и многу други работи кои би ти помогнале понатака во градење на кариерата.

Во рок од една година активно снимање познати хитови на виолина успеав да стигнам до неверојатна бројка од над 100 илјади следбеници на социјалните мрежи, милионски прегледи и огромна поддршка и фанови од целиот свет, тоа е тоа што ме прави среќен и ми дава мотив да работам уште повеќе, а за останатото ќе оставиме времето да покаже.

https://www.youtube.com/watch?v=-HsorGr9yeQ

NEWS1: Покрај вилина свириш и гитара. За виолина се школуваше, а гитарата?

Петар Маркоски: Виолина изучував во основното музичко училиште “Методи Патче”, од каде ги имам најубавите спомени. Гитара како втор инструмент научив од моите другари во средношколските денови кога се пееја екс-ју хитови, па за одреден период ми стана и примарен инструмент на јавните настапи.

https://www.youtube.com/watch?v=Etm0HPcfPNw

NEWS1:  Имаш и твои авторски песни. Компонираш во слободно време или кога имаш инспирација. Дали си размислувал сите твои песни да ги ставиш на сингл?

Петар Маркоски: Поради многуте обврски во текот на денот немам време да седнам да компонирам бидејќи тоа бара сталоженост, посветеност и најважно инспирација.
Веќе подолго време работам на тоа да ги ставам сите мои песни на едно ЦД, така да тоа сигурно следува во наредниот период.

https://www.youtube.com/watch?v=6DCVAt5uI8c

NEWS1: Имаш ли свои идоли во музиката?

Петар Маркоски: Уживам во секој тип на музика од Рок, Поп, Класика, Народни и кафански песни, па мислам не би можел да се врзам за еден артист. Секако земам примери и инспирација од многу музичари па од виолинисти би го издвоил големиот Андре Риу.

https://www.youtube.com/watch?v=x-K5_f9TmrM

NEWS1:  Покрај музиката, што Петар прави во слободно време?

Петар Маркоски: Јас сум човек кој сака исполнет ден, па така покрај работата, останатиот дел од денот работам на проекти од областа на Маркетинг и Видео Продукција.
Викендите ги користам за снимање на моите видеа, уживање во природа и по некое патување.

https://www.youtube.com/watch?v=orFUYP9VRiw
https://www.youtube.com/watch?v=ytTaggh0D7I