„Бараме решение кое нема да го загрози статусот на нашиот јазик и ќе успееме во тоа. Доколку не се договориме околу тоа прашање, не може да има никаков договор со Бугарија“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ за Македонското радио.
Тој додаде дека за Владата е неприфатлива бил окаква промена или додавка во преговарачката рамка со ЕУ за македонскиот јазик и неговиот статус во Унијата.
Маричиќ вели дека позициите во разговорите со Бугарија се определени од Резолуцијата изгласана во Собранието, каде што Владата доби јасна задача да се држи до заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и да изнајде достоинствено решение
„Наша цел е да имаме сеопфатен договор, каде јасно ќе се определат обврските од двете страни и ќе бидеме сигурни дека чекорите што би ги направиле ќе доведат до кревање на ветото“ рече Маричиќ.
Владата, како што додаде Маричиќ, ја следи ситуацијата во Европа и презема чекори за да нема недостиг на енергија и ценовни шокови.
„Оваа криза ја предвидовме и правевме напори. Владата ја следи ситуацијата од ден на ден и презема чекори со директна интервенција од буџетот за граѓаните да не ги почувствуваат последиците“ рече Маричиќ.