ВМРО ДПМНЕ: Нема ништо вонредно во „вонредното“ обраќање на Ковачевски, владата сериозно да ја сфати состојбата и да не си прави гол пиар од сериозни теми

Очигледно премиерските чевли на Ковачевски му се преголеми. Вака изгледа кога детски ќе се заигра човек со премиерската фотелја. Нема ништо вонредно до „вонредното“ обраќање на Ковачевски, бидејќи суштински ништо не кажа што презема владата во насока на заштита на граѓаните од претстојните кризи, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ. Во истото се додава:

И додека Ковачевски се занимава со геополитика, народот е гладен и сиромашен. Од Ковачевски слушнавме само демагогија, а не конкретни мерки и чекори.

Ковачевски треба да објасни што ќе преземе владата за покачувањето на енергенсите кои директно ќе удрат по стандардот на граѓаните и стопанството. Само во година и пол струјата е номинално покачена за над 30%, а за одредени субјекти таа е поскапа и за 300-800%. Горивата исто така се драстично поскапени и за жал се уште ќе растат, а Владата на Ковачевски може да се откаже барем од дел од новите такси и давачки кои ги воведе во изминатите 4 години со цел да ја намали цената на горивата и со тоа да им помогне на граѓаните и компаниите.

Измерениот раст на инфлацијата од почетокот на годината изнесува 6,7%, што не само што го јаде стандардот и платите, туку отвора опасност од поголема инфлаторна спирала. И тука власта на Ковачевски не покажува никакви успеси. Индустриското производство е во пад, а цените на основните производи растат далеку побрзо од платите. За нешто повеќе од  година зејтинот поскапел за 40%, брашното за 38%, млекото за над 20%. Во Македонија имаме 500.000 луѓе живеат со по 150 денари на ден, а според меѓународни проценки над 35% од населението може да е во ризик од сиромаштија. Ковачевски за разлика од другите лидери во Европа не кажува што презел во насока на обезбедување на доволни стокови резерви, особено кога дел од земјите најавија дека ќе го ограничат извозот на животно битни ресурси.

И на крај драмата на Ковачевски не е ништо друго, туку гол ПР маркетинг. Ковачевски треба да ја сфати ситуацијата сериозно, а не со видевца да се релативизираат состојбите.