Донација од ЕУ и Совет на Европа за одделението за полициски службеници

Денеска во просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Раководителката на оперативно работење на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ ја предаде донацијата во техничка опрема наменета за Надворешниот механизам за контрола. Опремата се состои од 8 лаптопи, 3 принтери, 3 скенери и 1 мулти-функционален уред за скенирање и печатење во вредност од над 24,000 ЕУР е обезбедена преку заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија”.

Донацијата следи по градењето капацитети и институционална поддршка на сите вклучени страни во Надворешниот механизам за контрола, во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022”. Програмата се спроведува во непосредна соработка со Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Обвинителката Вилма Русковска заблагодарувајќи се за поддршката наменета за Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција истакна:

– „ Имајќи предвид дека обвинителството е единствен и самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични дела, се наметнува сама од себе потребата обвинителството да биде неколку чекори пред оние кои ги гони, а особено ако сторителите се полициски службеници кои ја злоупотребиле довербата што им ја пружила државата и ги прекршиле основните човекови права и слободи. Нашата работа освен посветеност, подразбира и потреба од нови современи технолошки помагала како за спроведување на истражните дејствија, така и за секојдневно непречено функционирање на обвинителството. Сведоци сме дека технологијата е најпроменливата работа во денешно време и дека сите имаме потреба од постојано надоградување или обновување на опремата со која располага обвинителството. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на претставниците на ЕУ и Советот на Европа за укажаната доверба во нашето работење и што со нивната донација ќе придонесат кон поголема ефективност и ефикасност на обвинителите и истражителите кои работат во Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција“.

Воедно, раководителката на оперативно работење на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ ги истакна позитивните моменти од постојаната соработка со институциите во обидот да се унапреди Надворешниот механизам за контрола. Таа ја потенцираше важноста на заложбите за градење на побезбедно и похумано општество во кое се почитуваат и штитат правата на секое лице кое верува дека било жртва на несоодветно постапување од лица со полициски овластувања.

– „Советот на Европа соработува со институциите од самото воспоставување, како и во текот на градењето капацитети на овој механизам, кој треба да се комплетира со дополнителни истражители во рамките на Јавното обвинителство. Досегашните резултати се охрабрувачки и опремата која ја предаваме денес треба дополнително да ги поддржи обвинителите во нивната важна работа” – потенцираше Дервишагиќ.

Раководителот на секција во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Фрек Јанмаат, ја истакна важноста од постоење на ефикасен систем за адресирање на отчетноста и неказнивоста кога е во прашање несоодветното постапување и други незаконски дејствија што биле извршени од страна на лицата со полициски овластувања.

– „Механизмот со своите независни, ефективни и ефикасни истраги и гонења на случаите на несоодветно и незаконско постапување е важен елемент за системско адресирање на полициската неказнивост и недостиг на отчетност. Граѓаните треба да веруваат дека секое тврдење за такви тешки повреди на човековите права, ќе биде соодветно истражено и дека нема да бидат отфрлени. Целосното и безусловно почитување на човековите права е едно од основните европски вредности, кое е во сржта на процесот на постапување” – истакна Јанмаат.

Надворешниот механизам за контрола со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа е основан во 2018 година со цел да се фокусира на случаите во каде лицата со полициско овластувања, при извршување на службената задача или надвор од службата, со употреба на сила, средства за присилба или сериозна закана сториле кривично дело при што настапила смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда или противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово нечовечко или понижувачко постапување.