Пендаровски: На 5 ноември добивме информира дека Русија се подготвува за инвазија на Украина

0
358

Сега се покажува колку беше битно што влеговме во НАТО. Првите потврдени сознанија дека Русија подготвува инвазија на Украина на цела територија, не само во Донбас, ние што сме овластени да ги примаме тие информации преку НАТО механизмите, ги добивме на 5 ноември минатата година, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски.

Тој нагласи дека тоа е огромен бенефит со време да знаете во однос на резервите што ви се потребни во различни сектори, да знаете да се позициниорате ако ви треба.

-Она што е запрепастувачки односно која е таа сила, машинерија, кои се тие ресурси и сателитски и на земја, беше предвидено во однос на времето на напад, промашувањето беше само за три дена, пред четири месеци прогнозата. Во однос на обемот на операцијата дека ќе се напаѓа од овие три-четири магистрални правци, немаше никакво промашување, рече Пендаровски вечерва во гостувањето во Дневникот на телевизија Сител.

Наведе дека некои крупни разузнавачки сервиси во тоа време не веруваа дека е тоа точно, па проверуваа на свој начин, меѓутоа, подвлече, сега гледаме дека тоа се потврди како 100-процентно точна информација.

Значи, влеговме во сојуз со држави што се најдобри на тој план во светот, истакна шефот на државата.

Прашан дали ако сме знаеле од ноември дека се подготвуа вакво нешто се направени некакви чекори оттогаш до денес за да се обезбеди некаква алтернатива за снабдување со гас, во услови кога змејата се наоѓа во енергетска криза, Пендаровски рече дека на одржаната седница на Советот за безбедност тоа била прва и последна точка за дискусија.

Тоа се класифицирани информации, нагласи, додавајќи дека премиерот на таа седница ги читал последните податоци од Бирото за стокови резерви по секоја ставка од прехранбени продукти, до енергенси, што се во залихите.

-Во тој дел ние не треба да се грижиме. Реков дека можеме да имаме одредени проблеми, ако војната трае месеци и месеци. Тоа ќе имаат сите. Ако трае неколку недели ние имаме без да набавуваме нови количини доволно по сите основи од животни продукти до енергенси, да издржиме како да нема санкции…, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.

Во меѓувреме, информираше тој, Владата има направено алтернативно тело кое на дневна основа побарува се што ни треба.

-Денеска ја видов изјавата на српскиот претседател кој рече дека Македонците побараа од нас 50 илјади тони пченица, 25 илјади тони пченка. Вели ние имаме доволно во залихите и ќе им дадеме. Големината на тој потег, треба да се каже отворено, е во тоа што Србија пред пет дена кога почна интервенцијата на Русија во Укрина, донесе одлука за извоз на сите витални стратешки производи, појасни шефот на државата.

На прашањето за споредбата што деновиве се прави во однос на она што го вели рускиот претседател Владимир Путин за Украина, слична реторика како што слушаме од Бугарија за нас, претседателот Пендаровски истакна дека негов личен став е оти Путин не ја нападна Укрина заради тоа, нападна, вели, од геостратешки причини и заради тоа што, некои велат, не би сакал во неговата непосредна близина да вирее демократски модел.

-Не верувам дека во 21 век може таков еден анахрон историски наратив да биде предомионантен во било која дебата кога разговараме за 2022 година и за актуелни организации, проблеми, пандеми, енергетски кризи, економски кризи….Мислам дека тоа е наменски за да направи поголема мотивација во својот внатрешен амбиент, рече меѓу другото претседателот Пендаровски.