Социјално ранливите семејства од Гостивар од утре ќе може да аплицираат за стан во социјално станбената зграда. Министерството за транспорт и врски го објавува јавниот оглас за распределба на вкупно 70 станови во социјалната зграда во Гостивар, истакана министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Јавниот оглас ќе трае до 4-ти април, а право на аплицирање имаат шест категории на социјално ранливи семејства, утврдени со Методологијата за распределба на овој тип на социјални згради.
“ Според критериумите ќе можат да аплицираат, деца без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница, социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите како и самохрани родители со малолетни деца.
Сите документи граѓаните да ги поднесуваат во Центарот за социјални работи овде во Гостивар,” изјави Благој Бочварски министер за транспорт и врски.
Покрај оваа зграда, министерот Бочварски истакна дека се подготвува јавен повик за распределба на станови во 3 социјални згради и тоа во Пробиштип, Свети Николе и во Виница.
Директорот на АД за станбен и деловен простор Кристијан Трајковски потенцираше дека се водат интензивни преговори со Банката за реализација на втората фаза од Проектот за изградба за социјални згради и во други општини во државата кој треба да започне веќе следната година.