Мицевски: Власта да ги прифати предлозите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за намалување на акцизите на горивата за 50% и намалување на ДДВ-то на сите производи за исхрана од 5% на 0%

Овој народен грабеж треба и мора веднаш да престане. Власта мора да реагира веднаш. Се’ што треба власта да направи е да престане безочно да ги лаже граѓаните и да ги прифати предлозите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за намалување на акцизите на горивата за 50% и намалување на ДДВ-то на сите производи за исхрана од 5% на 0%., истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Кога во Република Македонија имаме четири кризни состојби, дополнителна инфлациска криза во најава и зголемување на цените на речиси на сите услуги и производи, одбивањето на нашите предлози претставува класичен грабеж и дрско игнорирање на барањата на граѓаните и стопанството.

Оттука, наместо да слушаме нелогични оправдувања и изговори, бараме овие два предлог-закони кои што се влезени во Собрание, веднаш и уште денес да се стават на нова и итна пленарна седница. Доколку постои искрена желба, технички може да се направи тоа и веднаш да се закаже нова пленарна седница.

Господо од власта, граѓаните немаат повеќе трпение за Вашите штетни и погубни економски лекции и мерки. Граѓаните не сакаат повеќе да слушаат приказни како „блескаме“ и како „се’ е под контрола“. Граѓаните само бараат подобрување на стандардот и крај на оваа народна пљачка.

Очајни се изговорите на власта дека за овие ценовни шокови се виновни покачувањата на цената на нафтата на светската берза или пак војната во Украина. Напротив, сите знаеме дека не е проблем ниту цената на нафтата на светската берза, не е проблем ниту пак војната во Украина. Едноставно, на сите ни е јасно дека единствениот проблем е неспособноста и ненавременото и задоцнето носење на мерки од страна на оваа влада предводена од СДСМ и Ковачевски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе извесен период нуди предлог решение за ублажување на овој ценовен шок и покачувања кои што ни станаа секојдневие со оваа неспособна власт. Но СДСМ упорно го одбива и игнорира нашиот предлог. Упорно и свесно одбива да помогне на граѓаните и стопанството.

За таа цел, од оваа говорница им порачуваме на СДСМ, престанете веднаш со грабежот на својот народ и уште денес откажете се од акцизите на горивата и ДДВ-то на сите производи за исхрана.

Престанете да ги крадете граѓаните преку акцизи и зголемени даноци, престанете со тендерите во четири очи и престанете со личното богатење и луксузирање. Тоа е единственото решение кое што граѓаните го очекуваат и бараат од Вас. Ништо помалку, ништо повеќе.