Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) доцна синоќа усвои закон со кој се забранува увоз на руска нафта, гас и други енергетски производи како најнов чекор против војната на Русија во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Законот, исто така, го отвора патот за понатамошна изолација на Русија од светската економија со преглед на пристапот на Москва до Светската трговска организација (СТО).
Нацрт-законот, исто така, повторно го овластува и го зајакнува Глобалниот закон за одговорност за човекови права „Магнитски“, кој ѝ дозволува на американската Влада да санкционира странски владини претставници вмешани во кршење на човековите права насекаде во светот.
Усвоен е од Домот со 414 гласа „за“ и 17 „против“ и сега оди во Сенатот пред да биде потпишан од претседателот Џо Бајден.
Најмалку 516 цивили се убиени, а 908 други се повредени во Украина откако Русија ја започна војната против својот сосед, според податоците на ОН, а се стравува дека реалниот биланс ќе биде поголем.
Повеќе од 2,1 милион луѓе ја напуштиле Украина во соседните земји, според Агенцијата на ОН за бегалци.
извор: Агенција Анадолија (АА).