Оценуваме дека руските сили напредуваат и се приближуваат кон Киев од североисточниот дел. Тие сѐ уште се во близина на Гостомел, но се 5 километри поблиску до Киев, изјави висок функционер на Пентагон за војната меѓу Украина и Русија пред група новинари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето за близината на споменатите сили до Киев, функционерот одговори дека тие се „оддалечени околу 15 километри“.
Објаснувајќи дека руската војска напредувала од исток кон Киев од два паралелни крака, функционерот рече дека руските сили целосно го опколиле Чернихив.
Официјалниот претставник рече дека од почетокот на војната на 24 февруари, откриле дека Русија лансирала 775 проектили во Украина.
Истакнувајќи дека тие продолжуваат да обезбедуваат воена помош за Украина, тој соопшти: „Испратена е помош во последните 24 часа, а во следните 24 часа ќе биде испратен уште еден пакет безбедносна помош.“
Додаде дека има напори за снабдување на Украина со капацитети за противвоздушна одбрана кои не припаѓаат на Соединетите Американски Држави, но одби да одговори на прашањата дали меѓу нив има и системи за противвоздушна одбрана С-300.
На прашањето за можноста за распоредување на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина, официјалниот претставник рече:
„Нема дискусија за поставување батерии „Патриот“ во Украина. Мора да распоредите американски војници за да управуваат со нив, бидејќи Украинците не се запознаени со тој систем. И како што многу јасно кажавме, нема да има американски војници во Украина.“
извор: Агенција Анадолија (АА).