На С. Македонија ќе и требаат уште две години да се ослободи од зависноста од руските енергенси

Руската инвазија на Украина ја прави ургентна потребата од алтернативи за испорака на гас. Експертите апелираат да забрза реализацијата на интерконекторот со Грција и проектот за гасен терминал во Александрополис.

Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но дали ќе ја забрза и реализацијата на двата клучни енергетски проекта кои треба да бидат алтернатива за снабдување со гас на државата? Руските закани за можно затворање на главниот гасовод кон Европа ги зголемија стравувањата околу стабилноста со снабдување и во С. Македонија.

Потегот на САД и Велика Британија кои во целост, односно делумно забранија увоз на руска нафта и руски енергенси ги зголеми тензиите и стравувањата од несакани сценарија. Надлежните во Северна Македонија велат дека ја следат состојбата и засега не гледаат причина за посебна загриженост:

„Во моментов нема проблем со испораките на гас. Но како ќе биде во наредниот период е комплексно прашање и зависи од многу фактори, пред се од кризата во Украина. Но секако дека ние сме многу мали потрошувачи на природен гас, во спредба со другиот дел од Европа“, изјави за Дојче веле, Бајрам Реџепи, директор на НЕР-Национални енергетски ресурси.

Македонскиот пазар е можеби мал, но конкретно за гасот нема алтернатива освен снабдувањето од рускиот енергенс преку Бугарија и Турција. Проблеми засега нема, но тие многу лесно можат да станат реалност доколку состојбата дополнително ескалира. Добрата вест во кризата е што Германија не го следи потегот на Вашингтон и Лондон, но тоа не гарантира ништо поконкретно.

Сепак, она што загрижува е што С. Македонија нема речиси никаква алтернатива за снабдувањето со гас. Односно има, ама таа е се уште само на хартија. Двата проекта со соседна Грција, интерконекторот и гасниот терминал во Александрополис не се ниту започнати, а се заговараат веќе неколку години како клучна алтернатива за снабдување и стабилноста на пазарот. Од двата, посебно важен за нас е гасоводот кој треба да обезбеди алтернатива и сигурност во снабдувањето. Овој проект според најавите ќе чини околу 29 милиони евра, а финансирањето за него е веќе обезбедено:

„Нашите планови се до крајот на оваа година да почне изградбата на овој проект и да заврши во 2024 година. Тоа за нас ќе значи диверзификација и стабилност во нашите извори за снабдување со природен гас, значи ќе можеме да се снабдуваме од јужниот гасен коридор ТАП, но и од ЛНГ-терминалите во нашиот јужен сосед. Гасниот интерконектор со Грција, ќе има годишен капацитет да пренесува 2.8 милијарди метри кубни и е со должина од 68 километри на наша територија. Ќе се финансира со 20% грант од WBIF, 50% заем од ЕИБ , кои се веќе потпишани, и 30% со заем од ЕБОР. Договорот со ЕБОР, треба да се потпише во текот на втората половина од оваа година“, вели Реџепи.

Приклучок кон „ТАП“ 

Од Владата за Дојче веле објаснуваат дека со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, државата ќе се поврзе на Трансјадранскиот гасовод (ТАП). Оваа врска би имала предност да обезбеди алтернативен снабдувач, пред се во азербејџански гас од наоѓалиштето „Шах Денис“ во Каспискиот басен.

„Еден од главните приоритети на македонската Влада во енергетскиот сектор е поврзан со потребата да се обезбеди националната цел за безбедност на снабдувањето со енергија и да се справи со секој неочекуван настан, кој може да ја загрози безбедноста на снабдувањето со енергија. На македонска територија нема ниту автохтони ресурси на природен гас, ниту складиште за гас, а целиот гас се увезува од Русија (преку Бугарија и Турција) преку единствен далновод што ја минува бугарската граница кај Деве Баир.

Овој јужен гасен коридор ќе има влијание врз олеснувањето на трговијата со природен гас меѓу двете земји, ќе овозможи понатамошен развој на мрежата за пренос на гас и зголемување на степенот на искористеност на инфраструктурата за пренос на гас на Република Северна Македонија и другите соседни земји“, велат од Владата.

Потреба од проактивност

Експертите немаат дилеми дека овој проект ќе донесе бенефит и сигурност за македонската економија. Но во актуелните услови очекуваат активностите на терен да забрзаат:

„Активностите за интерконекторот се уште од 2018 година. Ние веќе имаме нафтовод кон Грција и по истата траса може брзо да се направи и гасоводот. Не се потребни експропријации, урбанистички планови и слично. Активностите се започнати и тие можеби не се видливи на терен, но многу брзо ќе може да се реализира целиот проект. Прогнозите се до 2024 година, а тука објективно влијаеше приватизацијата на дел од сопственоста на грчката држава во нивниот преносен оператор систем, но и нашето заокружување на сопственоста околу ГА МА. Но тој проект важно оди и за него има европска поддршка”, изјави за Дојче веле Митко Андреевски, експерт за енергетика.

Ако интерконекторот се реализира бавно, она што сериозно доцни е проектот за гасниот терминал и гасната централа во Александрополи. Северна Македонија доби отворена покана да учествува во оваа инвестиција со 10%, но работите од наша страна се уште тапкаат во место:

„Тоа е клучен геостратешки проект со сигурносна, безбедносна и енергетска важност. Едноставно, потребна е проактивност. Се надевам дека таа проактивност ја изгубивме привремено при политичката смена во владата, промената на премиерот и се загуби чекорот на активностите. Има одредени најави за активности на 14 март, но практичната реализација не е започната“, укажува Андреевски.

Гасниот терминал треба да биде готов наредната година, а за него веќе има обезбедено 167 милиони евра грант од Европската комисија. Како соучесници во овој проект ова не смее никако да го испуштиме, предупредува Андреевски:

„Оваа војна покажува дека тоа е вистинскиот пат за нас. Ние мора да имаме втор снабдувач, сопствени капацитети, да имаме удели надвор во гасна електрана, да резервираме капацитети. Тоа е прв пат во нашата историја да имаме покана за учество, а тоа е заслуга на нашите стратешки партнери. Само да ве потсетам дека американскиот државен секретар Мајк Помпео за тој проект дојде во Солун среде пандемија, а беше и во Охрид од каде испрати и многу јасни пораки“, укажува енергетскиот експерт.

Изградбата на терминалот за складирање и гасификација на течен природен гас ќе чини околу 400 милиони евра. Тој ќе се состои од пловечки објект за складирање на течен гас со капацитет од 170.000 кубни метри и постројка за регасификација со капацитет од 5,5 милијарди кубни метри годишно. Од Владата велат дека постапката е во тек и се оптимисти дека ќе се реализира во предвидениод рок:

„Ние ги потпишавме меморандумите со „Гастрејд”, со што се планира  да купиме по 2% од сегашните пет акционери во ЛНГ терминалот. Оваа постапка е во тек, и ако не се појават дополнителни проблеми, планираме да заврши оваа година. Со тоа ние ќе имаме 10% од акциите во ЛНГ терминалот, а парите со обезбедени во буџетот за оваа година. Овој терминал е планирано да биде оперативен до крајот на 2024 година“, објаснува директорот на НЕР, Реџепи.

Критики наспроти аргументи 

Опозицијата и дел од експертската јавност критикуваат дека ваквите инвестиции се штетни и спротивни на интересите на државата. Главните забелешки се дека стотици милиони евра ќе се инвестираат надвор, наместо да се употребат дома во нови енергетски капацитети кои би донеле енергетска стабилност на државата. Власта пак тврди дека ваквата стратегија ќе донесе стабилност и производство по пониски цени, а војната во Украина само ја потврдила нивната неопходност:

„Овие проекти се дел од државните стратешки енергетски приоритети и се планираат од поодамна и никако не се поврзани со кризата во Украина. Не само овие, туку и ред други проекти кои се во тек, или се планираат наредните години, имаат за цел да се диверзифицираат енергетските извори на државата. Секако дека Украинската војна ни покажа колку сме ранливи во енергетска смисла, не само нашиот регион , туку и цела источна Европа, и колку е битно и значајно навреме да се планира енергетска независност и стабилност за секоја држава или секој регион“, коментира Бајрам Реџепи.

Регионалниот пристап во делот на инвестициите според дел од експертите има повеќекратен бенефит за сите кои се дел од ваквите проекти:

„Подобро е регионално да се инвестира, да се сподели инвестицијата но и ризикот на одреден предизвик. Грција во конкретниот случај за нас е значајно што нема каква било зависност од Русија и нејзиниот гас, тие го имаат гасоводот ТАП, а имаат и постоечки ЛНГ терминал со течен гас и дополнително оној во градба во Александрополис. Ние таму ќе инвестираме, ќе произведуваме поевтино, а ќе добиеме повеќе, но и споделуваме ризик.  Мораме енергетски да влегуваме во проекти од регионален или европски интерес. Тоа е многу важно затоа што гледате што се случува“, укажува Андреевски.

Паралелно со инвестицијата во гасниот терминал, Северна Македонија планира да инвестира и во гасната централа во Александрополис со уддел од 25% кој во пари би изнесувал околу 100 милиони евра. Со оглед на планираниот капацитет од 800 мегавати, ова би значело и околу 200 мегавати на располагање за потребите на македонските граѓани и стопанство по поволни цени. Дополнително и можности за продажба на произведените количини електрична енергија на трети страни.

извор/фото: Дојче Веле