(ВИДЕО) Во катедралата Нотр Дам во Париз, пронајдени се гробници и оловен саркофаг

Во катедралата Нотр Дам во Париз, Франција, пронајдени се гробници и оловен саркофаг, кој се претпоставува дека датира од 14 век. Во Нотр Дам, катедрала од 12 век, во тек е ископување како превентивна мерка, пред да се постават скелиња потребни за обновување на дрвениот свод на покривот висок 100 метри.

 

Местото на ископување лежи под камен слој од 18 век, но некои пониски нивоа датираат од 14, а некои дури и од почетокот на 13 век, соопшти Министерството за култура.

„Успеавме да ‘турнеме’ мала камера внатре, која откри остатоци од ткаенина, органска материја како коса и остатоци од растенија“, изјави Кристоф Беснје од Францускиот национален археолошки институт. „Фактот што остатоци од растенијата сè уште се таму укажува дека содржината е многу добро сочувана.“

Археолозите веруваат дека оловниот саркофаг веројатно припаѓал на некој висок достоинственик и претпоставуваат дека би можел да потекнува од 14 век, што, доколку се потврди, би го направило откритието спектакуларно.

Ископувањата открија и јама веднаш под денешното ниво на подот на катедралата, која веројатно била ископана околу 1230 година, кога се градела катедралата Нотр Дам, еден од најстарите примероци на француската готика.