Претседателите на САД и Кина телефонски разговараа за руската инвазија врз Украина

0
334

Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг го започнаа телефонскиот разговор во кој фокусот ќе биде на руската инвазија врз Украина и ставот на Пекинг околу истата. Белата куќа и кинеските државни медиуми веќе го објавија стартот на разговорот.

Еден ден пред нивниот телефонски разговор, државниот секретар Антони Блинкен на брифинг со новинарите рече дека Бајден јасно ќе му стави до знаење на Џинпинг дека „Кина ќе сноси одговорност за какви било активности што ќе ги преземе за поддршка на руската агресија и нема да се двоумат да наметнат економски последици“.

Бајден и Џинпинг се очекува да разговараат и за економската конкуренција меѓу двете земји. Разговорот беше закажан по состанокот во Рим на 14-ти март меѓу советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и високиот кинески советник за надворешна политика Јанг Џиечи.

За време на состанокот, Саливан изрази загриженост за усогласувањето на Кина со Русија. Висок официјален претставник на администрацијата на Бајден рече дека Саливан бил директен со Јанг за „потенцијалните импликации и последици“ за Кина доколку таа обезбеди поддршка за Русија.

 

извор/фото: Радио Слободна Европа