Зоолошката градина во Скопје е дом нa различни животни, но едно од највпечатливите е Мими – шимпанзо што со своите 62 години се смета за едно од најстарите шимпанза во светот, пишува Анадолија.
Нејзиниот живот бил полн со предизвици, но денес времето го минува во мирното опкружување на зоолошката градина, каде што секојдневно добива посебна грижа и внимание од тимот негуватели.
Александра Стевковска, негувателка во Зоолошката градина во Скопје, која повеќе од 11 години се грижи за шимпанзата и приматите, за Анадолу раскажува за посебната врска што ја има со ова неверојатно животно.
„Мими е една бабичка што премногу ја сакаме сите во зоолошката градина“, рече Стевковска.
Стевковска раскажа дека нивното семејство шимпанза потекнува од Африка, но тоа е мешано, а Мими е од родот Бонобо, кој се разликува од обичното шимпанзо.
– Од циркус до нов дом –
Мими има фасцинантна и необична животна приказна. Според изјавите на Стевковска, Мими, која е родена околу 1962 година, првично била дел од циркус, каде што настапувала сѐ додека не се влошило нејзиното здравје. Поради тоа не можела да продолжи со настапите и била продадена на жена од Германија, која била сопственичка на цвеќарница. Таму шимпанзото развило љубов кон растенијата.
По одредено време сопственичката одлучила да ја донира во резерватот за шимпанза во Холандија. Таму Мими добила комплетен медицински преглед и било утврдено дека има проблеми со срцето и белите дробови. Поради состојбата Мими секојдневно прима терапија што ѝ помага да продолжи со животот.
„Мими е болешлива, има проблеми со срцето и белите дробови, секојдневно до крајот на животот мора да ја прима терапијата што ѝ ја даваме“, вели Стевковска.
– Нов живот во Скопје –
Пред пет и пол години, по престојот во Холандија, Мими беше донесена во Скопје како дел од новото семејство шимпанза во зоолошката градина. Денес таа живее со двајца мажјаци – кроткиот Изи, кој има 39 години, и темпераментниот Коко, кој има 29 години. Мими е лидер во оваа група.
„Таа (Мими) е медијатор во групата. Кога мажјаците ќе се скараат, таа ги смирува“, додава Стевковска.
Таа вели дека шимпанзото Мими има многу специфично однесување, иако е стара, сепак, многу брзо трча, а доколку почувствува нешто непријатно, тоа го изразува со нервоза и специфичен звук.
Сепак, негувателите ја опишуваат како најкротка во групата и многу ја сакаат.
– Режим на исхрана и нега –
Во Зоолошката градина во Скопје секое животно има специјален режим на исхрана според нутритивни табели. Стевковска вели дека ова особено важи за Мими, поради возраста и здравствените проблеми.
„Сите животни се хранат според нутритивна табела и Мими е исклучена од многу шеќери, затоа што тоа и смета во дебелеењето, таа не смее да се дебелее“, објаснува Стевковска.
Освен тоа, негувателите редовно користат „енричмент“ за да ги стимулираат моторните способности на шимпанзата. Овој метод вклучува активности и предизвици што им помагаат на шимпанзата да останат активни и ментално ангажирани.
– Односот помеѓу негувателите и шимпанзата –
Работата со шимпанза е исклучително специфична и потребна е посебна обука. Зоолошката градина во Скопје пратила дел од своите негуватели на обука во Холандија, каде што научиле како да се однесуваат со овие високоразвиени примати, кои 90 проценти се слични на луѓето.
„Кога ќе дојдеме наутро, нѐ препознаваат сите (шимпанзата), знаат кој ги чува и имаат комуникација со нас“, рече Стевковска.
Вели дека насмевката на шимпанзата и нивната способност да ја изразат радоста преку едноставни гестови ја прават оваа работа благородна и исполнета со задоволство.
Мими е особено поврзана со своите негуватели и покажува љубов кон нив.
„Мимушка е многу слатка бабичка што многу сака растенија, јас и колегите ѝ береме цвеќиња и рози, а таа многу се радува“, вели Стевковска.
„Многу е интересно како си прави кревет. Тоа е едно од најинтересните работи, затоа што Мими прави од јамболиите еден многу убав кревет, сама се покрива и не може да ја видиш“, додаде таа.
Мими, заедно со своето семејство шимпанза, е дел од интернационалните напори за заштита на животните. Преку соработката со зоолошките градини од Европа, Зоолошката градина во Скопје учествува во проекти за ресоцијализација и заштита на шимпанзата што биле злоупотребувани или живееле во лоши услови.
– Зоолошката градина во Скопје – еден век грижа за животните
Зоолошката градина во Скопје, основана во 1926 година, за две години ќе одбележи еден век постоење. Денес оваа институција има 641 животно од 93 различни вида, вклучително цицачи, рептили, птици и водоземци. Раководителот на секторот за животни, Јорданчо Милошевски, објаснува дека секое животно има специфичен режим на исхрана и услови за живот, адаптирани според неговите природни потреби.
„Животните се како и човекот бараат нега и комуникација“, вели Милошевски. „Бидејќи се во заробеништво, мора да се направи некаква анимација за на нив да им биде интересно.“
Зоолошката градина учествува и во меѓународни проекти за заштита на загрозени видови, како што се балканскиот рис, мечката и белоглавиот мршојадец.