Турција: Свечено отворен мостот „Чанаккале 1915“, четвртата спојна точка помеѓу Европа и Азија

0
402

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес свечено го отвори мостот „Чанаккале 1915“, уште еден во низата турски мегапроекти, најдолгиот мост со среден распон во светот, прв на Дарданелите и вкупно четвртиот мост преку турските мореузи што ги поврзува Европа и Азија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Мостот „Чанаккале 1915“ отворен е на Денот на сеќавањето на загинатите херои и 107. годишнина од поморската победа во Чанаккале кои се одбележуваат на 18 март, а на церемонијата, освен Ердоган, присуствуваа и голем број домашни и странски официјални претставници меѓу кои и јужнокорејскиот премиер Ким Бо-кјум, потпретседателот на Турција Фуат Октај, претседателот на турскиот Парламент Мустафа Шентоп, министри, бројни официјални претставници, гости.

Програмата започна со интонирање на државната химна на Република Турција.

Претседателот Ердоган во своето обраќање на отворањето истакна дека овој мост во конструкцијата содржи бројни симболи од турското минато.

„Мостот ‘Чанаккале 1915’ има различни значења со секоја од неговите технички карактеристики“, рече Ердоган и додаде дека станува збор за импозантен проект.

„Турција зад себе ја остави Јапонија и стана земја која има мост со најдолг среден распон во светот. Знаете ли колкава ќе биде годишната заштеда на нашата земја во поглед на времето, потрошувачката на гориво и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид со оваа инвестиција, 415 милиони евра“, рече Ердоган.

Истакна дека Турција ќе оствари голема економска корист од мостот „Чанаккале 1915“.

„Според нашите предвидувања, овој проект ќе ѝ донесе на нашата економија 5,3 милијарди евра, 118.000 нови работни места и 2,4 милијарди евра национален приход“, рече Ердоган.

Тој на крајот откри дека цената за користење на мостот ќе изнесува 200 турски лири (12,2 евра), а првите седум дена од пуштањето во употреба минувањето ќе биде бесплатно.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).