Директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска гостуваше во емисијата „360 степени“ на „Алсат ТВ“ при што кажа дека Македонија има доволно резерви на масло за јадење, а притоа кажа колку се очекува да достигне максималната цена.
-Во моментов, цената на зејтинот е формирана врз основа на тоа што Владата донесе одлука продажната цена на маслото кај трговците на мало да е еднаква со набавната цена кај трговците на големо, така што таа цена што денес е на рафтовите или, како што кажувате 94 денари, всушност, е набавната цена што ја даваат трговците на големо. Зависно од производителот, имаме различни пакувања на зејтин, од 800 милилитри, 900 милилитри и литар, но очекуваме дека максималната цена нема да надмине 110 денари“, кажа Симеска-Димоска во „360 степени“.
Како што рече Симеска-Димоска, ова најверојатно се резерви што трговците ги имаат направено од претходно и затоа маслото за јадење во моментов се продава по набавна цена од 94 денари по литар, но, како што посочи и самата, смета дека со одмрзнувањето на цените од 1 март трговците на големо имаат можност да ги пресметаат и оперативните трошоци во набавната цена, а кои се сега повисоки поради поскапувањето на енергенсите.