Јавноста и граѓаните вчера имаа можност да ги чујат како изгледаат од блиску криминалот и корупцијата на СДСМ и кланот Заеви кој што раководеше и се уште раководи со СДСМ и со владата. Бојан Јовановски во вчерашното излагање пред Судот најбрутално го посочи и раскажа рекетирањето кое го правеле Заеви, СДСМ и сите останати од таа власт, нормално на чело со Зоран Заев. Се што говоревме како ВМРО-ДПМНЕ од оваа говорница тука изминативе 3 години во врска со случајот Рекет и со рекетирањето во Република Македонија, вчера се покажа дека е вистина, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Неспорно и несомнено е дека СДСМ ја има најкриминалната структура и клика на власт и единствена нивна цел беше доаѓање на власт само заради лично богатење, рекетирање, корупција и криминал. Ништо друго. Затоа и државата и граѓаните ни се дојдени на ова дереџе, каде што трпат за леб.
„Златната криминална тројка”, како што вчера ја нарекоа во судницата, мислејќи на Заев, Кирацовски и Стефан Богоев, слушнавме во вчерашното обраќање на Бојан Јовановски, дека во 2017 земале 350.000 евра во кеш за незаконско финансирање на партијата на локалните избори. Зошто се уште нема отворено случај за ова? Парите тие 350.000 евра за коишто претходно се говореше и се пишуваше во медиумите, но за жал никој не покрена никаква постапка, бидејќи обвинителството ги штити криминалците на власт, биле од зетот на нивниот коалиционен партнер Фијат Цаноски и завршиле во џњбовите на ова „Златна криминална тројка“, како што ја нарекоа вчера во судницата, а за возврат човекот кој ги дал парите, зетот на Фијат Цаноски, добил атрактивни локации за градење во општини каде владеела СДСМ, а конкретно во Карпош, бидејќи таму и најголем дел од парите завршиле за кои што вчера говореше Бојан Јовановски.
Да потсетиме дека Стефан Богоев е актуелен потпретседател на СДСМ. Иако глуми наивен, а всушност гледаме дека воопшто не бил наивен со оваа сума на пари, редно е да излезе и да си даде оставка после ваков срам.
Вчера исто слушнавме и дека се споменува и бизнисменот Силјан Мицевски кој уплатил пари за проектот на Меѓународен сојуз за фамознитее домови и никој не знае каде завршиле парите, а согласно сомнежите кои вчера се искажаа во судницата завршиле кај некој од СДСМ нормално од криминалната тројка, или четворка или петорка, никој веќе не знае колку луѓе биле вмешани, а за возврат истиот бизнисмен добил десетици милиони тендери во евра и бизниси од страна на СДСМ.
Да потсетиме дека пред само неколку дена приведен беше поранешен премиер на друга соседна држава, за иста ваква работа, изнуда од бизнисмени. За жал кај нас обвинителството се уште спие и се уште го штити криминалот бидејќи е управувано од овие луѓе.
Самиот Јовановски вчера кажа дека за целиот проект Меѓународен сојуз, амин и поддршка имало лично од Зоран Заев, а освен Кирацовски и актуелниот потпретседател на СДСМ Богоев, вмешани биле и роднини на Зоран Заев. За сето ова Јовановски вели дека има докази. Зошто тие докази не се истакнати, и прифатени во судот, претпоставете сами. Власта го има судството под контрола. Судството и обвинителството ги штитат криминалците на власт.
Е сега, дали, колку и каде завршиле овие огромни суми на пари кои Јовановски ги изнесе во јавност споменувајќи ги Заев, Кирацовски и Стефан Богоев?
Зошто после вакви изјави не се приберени на распит Заев, Кирацовски и Богоев? Стефан Богоев како актуелен потпретседател на Ковачевски после вакво тврдење треба да излезе и да си поднесе оставка. А Ковачевски наместо да молчи и да се однесува како да не е од тука треба да си преземе мерки во врска со неговите луѓе кои се веднаш до него, а земале 350.000 евра во кеш како што беше тврдено вчера во судницата. Ако земале тогаш, верувајте дека сигурно некој од таа партија продолжува од таа партија да го прави и во моментов додека е Ковачевски на власт.
Дополнително, зошто обвинителството се уште молчи?
Кого крие? Јасно е, за ова ВМРО-ДПМНЕ говори 3 години и јасно е кого крие, го крие Зоран Заев и неговиот рекет, криминал и корупција. Сите знаеме дека главата на криминалниот октопод е Зоран Заев, а сите други споменати како Богоев и Кирацовски и сите останати се само пипци на октоподот.
Порано или подоцна, одговорност мора да има и ќе има. Никој нема да се спаси од криминалот кој го сторил. Прашање на време е. И којзнае ли колку други бизнисмени се изрекетирани и парите завршиле во џебовите од функционерите на СДСМ.