НАТО го продолжи мандатот на Столтенберг за уште една година

0
269

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска донесоа одлука да го продолжат мандатот на челникот на Алијансата, Јенс Столтенберг, за уште една година поради руската војна во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Ми претставува чест што шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО одлучија да го продолжат мојот мандат како генерален секретар до 30 септември 2023 година“, напиша Столтенберг на Твитер.

„Додека се соочуваме со најголемата безбедносна криза од оваа генерација, обединети сме кон тоа да ја одржиме нашата Алијанса силна и нашите народи безбедни“, додаде тој.

Мандатот на Столтенберг требаше да истече на 1 октомври оваа година, но лидерите на НАТО одлучија да го продолжат поради променетата безбедносна средина.

Столтенберг е на функцијата од 2014 година.

Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, при што ЕУ, САД и Обединетото Кралство, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.

Обединетите нации (ОН) соопштија дека досега во војната во Украина животот го загубиле најмалку 977 цивили, а 1.594 се повредени, нагласувајќи дека вистинската бројка е веројатно многу поголема.

Според Агенцијата за бегалци на ОН, Украина ја напуштиле над 3,6 милиони Украинци, кои пребегале во соседните земји.

извор: Агенција Анадолија (АА).