Арсовска: Во тек е ревизија на работењето на претходното раководство – ќе биде соодветно доставено до надлежните институции

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во гостување во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24, најави дека е во тек ревизија на работењето на претходното раководство на градот.

Арсовска посочи дека од досегашните наводи кои произлегле се оформени повеќе финални предмети и истите се доставуваат до надлежните институции.

-Ревизијата е веќе отпочната. Се што ќе биде детектирано, а е во насока на злоупотреба на службената должност ќе биде соодветно доставено до надлежните институции. Останува на институциите да одлучат во која насока и како ќе постапуваат по истите – изјави Арсовска.

За ребалансот на буџетот, Арсовска истакна дека е почната постапка која трае до 45 дена за подготовки и анализа на тоа кои средства треба да се одвојат и пренаменат онаму каде што има потреба. Во овој момент се следи процесот на работа на јавните претпријатија и кои од нив генерираат поголеми долгувања, со оглед на тоа што цените на енергенсите драстично се зголемени.

-Автомобилите во сопственост на градот веќе не се користат надвор од работното време, исклучително само во службени цели. Воедно ги кратиме и сите непродуктивни трошоци и овие средства ги пренаменивме да се вратат кај граѓаните. Помагаме на ранливите категории граѓани, овозможуваме оброци на бездомните лица – изјави Арсовска.