Признанието се доделува за 40 години постоење и значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и нејзина афирмација во светски рамки
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е дoбитник на признанието Повелба по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата, кое го додели Претседателот Стево Пендаровски.
ИФФК „Браќа Манаки“ е прв и најстар ваков фестивал, светилник и гордост на македонската кинематографија и уметност повеќе од четири децении. „Браќа Манаки“ има посебен успех со својата мисија за врвен вредносен систем во промоцијата и славењето на еден од најважните сегменти во филмската продукција- кинематограферството, клучната алатка за раскажувањето на наративите на филмското платно.
Почетоците се во градот домаќин Битола, во кој живееја и твореа браќата Милтон и Јанаки Манаки. Со својот фасцинантно богат опус и особено со документарните филмови снимени со нивната легендарна Камера 300 тие оставија непроценлив драгоцен филмски опус. Фестивалот е основан во 1979 година од страна на Друштвото на филмски работници во соработка со градот Битола и Кинотеката.