Војната во Украина го враќа фокусот на македонските ниви

0
251

Македонското земјоделство има потенцијал да ја прехрани државата, но зошто и натаму сме зависни од увоз? Земјоделците предупредуваат за системски проблеми, надлежните се мобилизираат за брзи промени.

Плодна земја имаме, а храна се повеќе увезуваме. Оваа констатација не е ништо ново за состојбите во Северна Македонија која од година во година станува се` позависна од увезеното за сметка на домашно произведеното. За проблемот одамна се алармира, но многу малку конкретно и се реагира за да има промени.

Како тоа изгледа, доволно отсликува податокот дека годишно на храна и земјоделски производи од увоз трошиме и до 700 милиони евра. Сериозна сума, за сериозно мала и отворена економија, една од најсиромашните во Европа, која секоја година од државната сметка одвојува и по најмалку 100 милиони евра за субвенции за домашното земјоделство.

Системски проблем

Проблемот е системски и долгогодишен и досега не доживеа промени и покрај декларативните заложби на сите инволвирани. Руската агресија на Украина која предизвикува ценовен шок на пазарите само дополнително ќе ги влоши состојбите со оглед на растот на цените, но и недостигот на основните земјоделски производи како пченица, сончоглед, пченка, кои ги произведуваме, ама и кои ги увезуваме. Повеќе од аларм кој според упатените мора да испровоцира промени, пред се системски:

„Треба да извлечеме поука од оваа војна дека треба да се престроиме и да гледаме да се снајдеме сами, да сработиме дома. Ние сме мала држава и можеме да си помогнеме на сите полиња. Со малку работа може да имаме се`. Од земјоделска држава во која имавме се`, се доведовме до ситуација да зависиме од увоз. Така напред не можеме да одиме, а реално можеме да се прехраниме. Имаме илјадници површини за  земјоделско производство  и крајно време е тоа да го искористиме“, вели за Дојче веле Илчо Богданов, еден од поголемите производители на пченица во државата.

Потценето производство

Но зошто ако можеме да се прехраниме од домашно, зависиме од увозно? Зошто стотици илјади хектари плодна земја зјае празна и никој не ја обработува? Барем со пченица која станува еден од  најкритичните производи,  со оглед дека Украина и Русија се најголемите поризводители. Богданов предупредува дека проблемот е системски и повеќегодишен:

„Главниот проблем е што финансиски не можеме да издржиме. Не само ние како производители на пченица, туку генерално сите земјоделски производители. Откупните цени се многу ниски, а трошоците низ годините постојано растат. Сведоци сме што направи пандемијата, а сега и војната, до каде отидоа струјата, нафтата, а да не зборуваме за семенските материјали, вештачките ѓубрива. Знаеме дека можеме и треба повеќе да произведуваме, но тоа е многу тешко изводливо ако нема дополнителна поддршка и стимулација од државата. Но ако се зголеми делот за субвенциите ќе има производство. Ќе се организираме и ќе направиме нешто. Ако има стимулации и ако има реална цена, ние можеме да извадиме поголемо производство, затоа што ако направиме квалитетна сеидба со квалитетен семенски материјал, потхранување, заштита, ние можеме да имаме врвен резултат“, потенцира Богданов.

Нови насади

Нови насади и зголемено производство е потребно за редица земјоделски култури. Само за пченицата годишните потреби изнесуваат 330 илјади тони, а во последните години во зависност од временските услови производството се движи од 230 до 250 илјади тони. Дел од овие количини не се употребуваат за човечка храна, туку за прехрана на стоката. Ова значи дека годишно се увезува 100 илјади тони пченица и 40 до 50 илјади тони брашно.

Во вакви услови, дебатата за промени добива на актуелност, а јавноста станува сведок на апели и предлози од типот да се искористи секоја педа обработлива земја за да се насадат житарици и други основни земјоделски култури. Од Владата велат дека веќе имаат и конкретен план за вакво нешто:

„Во вакви времиња на светска криза ја гледаме важноста на земјоделското производство и субвенциите што ги овозможува државатa. Секое слободно земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција на  домашното производство,  околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

За таа цел како што изјави Николовски, се подготвувал и план како и кои култури ќе добијат предност и фокус.

„Ги повикувам граѓаните и младите да се ангажираат и да влезат во земјоделскиот сектор, заради тоа што има серија на мерки преку коишто државата дава поддршка“, најави министерот за земјоделство.

Интервентен фонд

Во целата стратегија новина е што се воведува и интервентен фонд за потребите на земјоделците во износ од 250 милиони денари. Половината од овие пари ќе бидат директно наменети за субвенции на трошоците за вештачки ѓубрива. Ваквата иницијатива според производителите е добредојдена:

„Број еден е да имаме квалитетен семенски материјал, а тоа треба да биде во соработка со мелничката индустрија, да договориме каква пченица, каква сорта е потребна. Но треба да имаме и склучени договори како во минатото, производител, откупувач, банка која тоа и ќе го финансира. На таков начин нема да има проблем, ниту за пласман ниту за цена, ниту за плаќање. Оти сега вака нема кој да нѐ заштити, не само за пченицата туку за целокупното земјоделско производство. Треба организирање и стимулирање на домашното производство. Тоа е најевтино, не се трошат девизи, имаме вработувања и на пазарот имаме домашно квалитетно производство“, нагласува производителот Богданов.

Експедитивност

Сепак дилемата е колку е лесно да се спроведе брза операција на проширување на насадите. Посебно во пресрет на пролетната сеидба која е на прагот. Богданов апелира да се реагира бргу:

„Можеме да произведеме, но мораме да се престроиме. Во старт мора да бидеме експедитивни и брзи. Тие што сакаат да работат и да произведуваат треба да им се дозволи, да им се дадат под итно одредени површини кои не се обработени, да не се чека за да може да се направат подготовки. Имаме многу површини кои се со други насади, на пример со лозови насади кои се пропаднати и така стојат. Пролетната сеидба на пченка и сончоглед е почната, а за житариците треба да бидеме подготвени како држава. Е сега прашање е колку бргу може да се спроведе она што се кажува и во пракса, но клучно е да имаме подготовки и база за да ги зголемиме површините“, укажува Богданов.

Водоснабдување

За потребата од зголемување на домашното производство дилеми немаат ниту експертите. Стимулациите и поддршката за земјоделците е клучна, но паралелно сугерираат дека треба да се решаваат и другите предизвици како на пример проблемот со водоснабдувањето. На ова деновиве предупреди и универзитетскиот професор Дане Бошев. Во интервју за утрински брифинг тој укажа дека долгорочно треба да се насочи фокусот да се обезбеди вода до секоја површина, што е скапа, но исплатлива инвестиција. Според него, треба да се обезбедат и стимулации за проширување на производството, но и да се обезбедат доволно капацитети за негово складирање за одложена продажба во периоди кога цените можат да бидат и повисоки и поисплатливи за производителите.

Годишниот откуп на пченицата како последно се одвиваше по цена од 11,5 денари за килограм, што според производителите е далеку од потребите за рентабилно работење. За да се задоволат потребите, годишниот увоз се движи по околу 100 илјади тони пченица и по околу 50 илјади тони брашно. Доминантно од Србија, но исто така од Унгарија, Хрватска и делумно од Бугарија.

Како последно, Србија најави дека во рамки на  Отворен Балкан во регионот ќе испрати одредени количини на пченица и брашно, вклучително и за потребите на македонскиот пазар. За колкави количини прецизно нема најава, иако првично српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за околу 50 илјади тони пченица. Македонските власти тогаш изјавија дека таквите количини биле за потребите на стопанските субјекти, а не за државата чии стокови резерви биле полни.

Дојче Веле